Државна комисија ги отвори сефовите во Народната банка на Србија во кои претседателството на СФРЈ ги сместило работите на Тито по неговата смрт.
Тричлената комисија во име на претседателот на Србија, по повеќе од три децении, ги отвори сефовите во кои се наоѓаат работите на Јосип Броз Тито. Што има во нив ќе остане во тајност следните десетина денови, додека не се утврди природата на најдените работи.
30 години не се знаеше што има во сефовите – дали се во прашање лични предмети на Тито или предмети во сопственост на државата. Наводно во едниот сеф се наоѓа список на сите предмети, па работа на Комисијата е да го спореди списокот со она што е најдено, да утврди дали нешто недостасува.
Отворањето на сефот е на иницијатива на Основниот суд 1 во Белград, пред кој се води расправа за наследството меѓу наследниците на Тито, кој лани упати барање до Кабинетот на претседателот на Србија, како правен наследник на некогашното Претседателство, да овозможи увид во сефовите.
Според некои наводи комисијата по смртта на Тито попишала 14 вреќи и во нив имало вредни уметнички слики што останале зад српските кралски династии. Според други наводи, пак, станува збор за 11 вреќи со злато, накит, последните претседателски плати на Тито и авторски хонорари, пишува српскиот весник „Новости“.