Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) со задоволство објавува десеттиот јубилеен конкурс за наградите за најзначајни постигнувања во областа на издаваштвото во Република Северна Македонија.
Овие награди ќе бидат доделени за време на Саемот на книгата, кој е планиран од 23 до 29 мај, а ќе ги вклучат изданијата, авторите и проектите реализирани во периодот од мај 2025 до април 2026 година.
Право на учество имаат сите издавачи од земјата, кои можат да се пријават во следните категории: (1) најдобра едиција; (2) најдобар дизајн на корица; (3) најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) најдобра книга за деца; (5) најкреативно издание; (6) поттикнување на општествена одговорност; (7) промоција на читачката култура и (8) автор на годината.
Со овие награди, МАИ континуирано го поддржува и афирмира трудот на издавачите, но и на нивните соработници – автори, дизајнери, илустратори и други професионалци, кои активно учествуваат во развојот на книжевната и издавачката индустрија.
Изборот на добитниците ќе биде во рацете на независна тричлена жири-комисија, која ќе ја сочинуваат тројца истакнати професионалци: Александар Маџаровски, Александра Јуруковска и Лазе Трипков.
Ги повикуваме издавачите да ги пријават своите најквалитетни и најуспешни изданија и проекти од изминатата година и да бидат дел од ова јубилејно издание на наградите на МАИ, кои претставуваат значајно признание за сите учесници во издавачката дејност кај нас, изјави претседателот на МАИ, Бојан Саздов.
Заинтересираните учесници можат да го побараат формуларот за апликација на: sekretar@mai.org.mk.
Крајниот рок за поднесување на пријавите е 31 март 2026 година.
Доделувањето на наградите ќе се одржи за време на Саемот на книгата.




