Отворањето на 17. „МакеДокс“ во Куршумли ан – како помина настанот?

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ свечено беше отворен на 20-ти август во Куршумли ан, со традиционалниот поздрав од екипата, која ја пречека публиката со кромид во рака. Просторите на Куршумли ан беа преполни со љубители на документарниот филм.

На свеченото отворање, присутните ги поздравија Сара Ферро и Дарко Набаков во име на целата екипа на „МакеДокс“.

– Од 20-ти до 27-ми август сме повторно тука со мотото „Само сонот е стварност“. Можеби звучи како бегство од реалноста, но всушност за нас тоа е токму спротивното. Соништата нè поттикнуваат да ја менуваме реалноста, да создаваме, да откриваме нови поврзувања и да веруваме дека можеме да ги промениме работите. Филмот е токму сон кој некој успеал да го оствари на платното. Оваа година, нашето мото добива и дополнителна вредност. „Само сонот е стварност“ е истоимената книга на една од најистакнатите филмолози, Илинденка Петрушева, наша драга Бабе – рече Набаков, по што Сара Ферро додаде: „Никој случајно не ја нарекува мојата баба Бабе. Тие зборови одразуваат нејзината големина и несебичност во споделувањето на знаењето, особено со млади луѓе кои започнуваат со кариерата во културата и филмот. Бабе беше голем поддржувач на овој фестивал. Нејзината љубов кон културата и филмот е неверојатна и служи како инспирација за сите нас. Иако она сега гледа филмови на некое друго место, вредностите што ни ги остави сигурно ќе продолжат да живеат во нас и да не водат во продолжението на нејзината мисија. Документарниот филм е сведоштво за времето во кое живееме, за луѓето околу нас и за вистините кои наоѓаме, понекогаш токму по гаснењето на светлата и осветлувањето на платното. Нашата мисија е приказните кои ви ги донесуваме да останат достапни за што поголем број на луѓе“, изјави Ферро.

– Фестивалот постои за неговата публика, но постои и благодаряјќи на неа. Дојдете на „МакеДокс“, гледајте документарни филмови, поддржете нè. Во текот на следните осум дена, ви нудиме да заедно сонуваме во Куршумли ан, Сули ан, пред Музејот на Македонија и во дополнителната програма на фестивалот во „Лабораториум“ и Албански театар. Да гледаме филмови. Да разговараме. Не секогаш да се согласуваме. Да откриваме нови луѓе, нови приказни и нови светови. И можеби барем за момент да поверуваме дека нашата реалност може да изгледа малку поинаку – додаде Ферро.

Филмската програма започна со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Филмот „Кон запад, во Запата“ се фокусира на Ланди и Мерцедес кои се борат да го израснат својот син во мачните услови на економска криза и општествени немири. Нивната приказна е полна со болни разделби и важни одлуки, но и со обидите да ја задржат семејната близина. Филмот е интимен портрет на истрајноста и љубовта во времиња на тешкотии.

Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, беше изведен проектот „Концертно пијано на Спејс докс едишн“ во соработка со Саша Латука и Емил Петро, а во полноќните часови, диџеј сетот го направи Зоки Бејбе.

Фестивалот „МакеДокс“ ќе се одржува од 20-ти до 27-ми август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, амбасадите на Франција, Шпанија и Италија, Словенечкиот филмски центар, Халк Банка, Скопско смут, Музеј на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, Едукативниот културен центар „Лабораториум“, Албански театар – Скопје, хотел „Мериот“, кафе и филм „Котур“ и такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 17. „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк, Медуза, Екран.мк и Паноптикум.мк.

Ваш,

МакеДокс