Отсуство на судијата по третпат го одложи почетокот на новото судење на ексдиректорите за пожарот во тетовската модуларна болница

Следното рочиште, кога се очекува да започне новото судење, сега е закажано за 15 јануари следната година

По третпат се одложи почетокот на новото судење на поранешните директори на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми во врска со пожарот во модуларната болница пред три години, во кој загинаа 14 луѓе.

Изгорената модуларна болница во Тетово, во која животот го загубија 14 лица / Фото: Архива

Откако Апелацискиот суд во Гостивар укина дел од првичната пресуда и предметот го врати на повторно судење во тетовскиот Основен суд, новото судење на двајцата ексдиректори на требаше да почне на 26 јуни, но рочиштето беше одложено за 25 септември, бидејќи тогаш во судницата не беа присутни претставници на Клиничката болница која е обвинета како правно лице.

Судењето не почна ниту во септември, а прочина за одложувањењето на рочиштето беше отсуството на бранителот на обвинетиот Еетеми, адвокатот Самоил Филиповски.

Причина за одложувањето на денешното рочиште, пак, како што пренесе МИА, било отсуството на судијата Јордан Велков, кој го водеше и првиот судскиот процес.

Следното рочиште, кога се очекува да започне новото судење, сега е закажано за 15 јануари следната година.

Модуларната болница во Тетово која беше отворена за згрижување и лекување пациенти болни од ковид-19 изгоре вечерта на 8 септември, а во трагедијата животите ги загубија 14 лица. Од загинатите, 12 беа на болничко лекување, додека за двајца беше утврдено дека се членови на семејствата на дел од згрижените пациенти.

Двајцата поранешни директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми се најдоа на обвинителна клупа за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, а докторот Бобан Вучевски беше обвинет за непостапување по здравствени прописи.

Судењето почна на 4 декември 2022 г. и по шест месеци на 5 јуни лани Основниот суд Тетово донесе првостепена пресуда.

Обвинетите директори тогаш добија условни казни од една година и шест месеци, додека докторот Вучевски беше ослободен од обвинението.

На Клиничката болница ѝ беше изречена парична казна од еден милион денари. 

На изрекувањето на пресудата во тетовскиот суд судијата рече дека тоа не било судење за причините за пожарот.

На 10 јули лани Основното јавно обвинителство поднесе жалба на првостепената пресуда по која расправаше Апелацискиот суд во Гостивар.

Во април годинава второстепениот суд донесе одлука со која наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница, како и за самата болница, како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда.

Обвинетите поранешни директори на Клиничката болница во Тетово / Фото: МИА

За одговорноста во врска со причините за пожарот досега не одговараше никој оставајќи ги семејствата на загинатите без одговори и со чувство на револт.

Во октомври 2021 г. по вештачењето на МВР, Обвинителството информира дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. 

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) лани во август објави документарен филм со наслов „Убиство во Тетово“, во кој изнесе сознанија и наводи за пропусти во изградбата на модуларната болница, што повторно го распламти „огнот“ за трагедијата во модуларната болница.

- Реклама -