Со помош на Google Earth научниците открија одлично археолошко откритие во Северен Казахстан – над 50 досега непознати геоглифи со различна геометриска форма и големина, расфрлани по површината на земјата.
Овој тип древни цртежи се огромни и се создаваат преку аранжирани камења на специфичен начин или преку обработка на земјата, пишува IFLS. Меѓу новооткриените форми има квадрати, прстени, крстови и свастики. Тие се различни по големина – од 90 до 400 метри. Свастиката не би требало да се поврзува со нацизмот. Всушност, тоа е древен симбол кој се користел речиси 3.000 години од древните култури во светот во Кина, Европа и Индија. Пред нацистите да го превземат, тој се сметал за симбол на просперитетот и среќата.
Во близина на еден од геоглифите, археолозите се соочуваат со остатоци од некакви ритуални капацитети, како и на траги од ритуални огнови, кои покажуваат дека регионот е употребен во антиката за вршење на разни ритуали.
Откритието е направено за време на заедничката археолошка експедиција на научници од Државниот универзитет во Казахстан и Вилнус универзитет во Литванија, кои го презентираат извештајот за истражувањата во рамките на состанок на Европската асоцијација на археолози во Истанбул. Древни слики на земјината површина, слични на оние во Казахстан, има уште во Перу, Бразил, Велика Британија и САД.