Откриeна планета со сезони како на Земјата

Научниците соопштија дека на новооткриената планета може да има живот и тврдат дека таа се наоѓа на само 16 светлосни години, пишува весникот “Дејли мејл”. Планетата Gliese 832c е нешто како „Супер Земја”, бидејќи е најмалку пет пати помасивна од нашата планета. Истражувачите веруваат дека таа можеби е најблиску до условите на Земјата и дури може да има и слични температури, макар и со поголеми сезонски варијации.

Меѓународниот тим од астрономи тврди дека екзопланетата е во „погодна зона за живеење ” на ѕвездата Gliese 832, точно во радиусот,  овозможувајќи постоење на вода на површината.

Gliese 832с орбитира околу својата ѕвезда за 36 дена. Но ѕвездата е црвено џуџе и е многу послабо и постудено од нашето Сонце, па Gliese 832c не добива толку ѕвездена енергија колку Земјата, иако обиколува многу поблиску до својата ѕвезда, објаснуваат научниците.

„Тоа ја претвора Gliese 832c во една од трите планети слични на Земјата, главен предмет за дополнителни набљудувања”, вели Абел Мендес Торес, директор на Лабораторијата за обитаемост на планетите, од Порторико универзитетот во Аресибо.

Можно е на планетата да има слични  температури  и  сезонски флуктуации  слични на Земјината атмосфера. Но други непознати фактори,  можат да го претворат овој свет во сосема различен од земјиниот и пуст, предупредуваат астрономите.

- Реклама -