Веќе 22 сезони наназад, обожавателите на најпознатото анимирано семејство се во постојана расправија за точната локација на градот во кој живеат, бидејќи во повеќе американски држави постои град што се вика Спрингфилд. Најпосле, Мет Гројнинг ја откри вистината.
Во интервјуто дадено за магазинот Смитсониан, креаторот на „Симпсонови“ разреши една од најголемите дилеми поврзани со Хомер, Марџ, Барт, Лиза и Меги – точно во кој дел од САД живее ова дисфункционално семејство што нè забавува повеќе од 2 децении. Одговорот зачуди многумина – магичниот град од анимираната серија всушност е базиран на Спрингфилд, Орегон.
Гројнинг вели дека идејата за името на градот ја добил од радио и тв серијата „Тато знае најдобро“, која се емитувала од средината на 40-те, сè до 1960 година. Тој природно помислил дека тоа американско семејство од средната класа живее во Спрингфилд кој е блиску до неговиот роден Портланд, Орегон. Подоцна, во исчекување на успехот на неговата анимирана серија, помислил дека ќе биде интересно да се именува градот според едно од најчестите имиња на градови во Америка, што следствено ќе доведе до расправии за кој точно Спрингфилд се работи. „Сите ќе мислат дека е нивниот Спрингфилд. И мислат“ вели Гројнинг.
На прашањето зошто до сега не ја открил точната локација, тој појаснил дека не сакал да ја уништи забавата. Кога некој ќе речел дека се работи за Спрингфилд, Масачусец или Спрингфилд, Охајо, секогаш одговарал потврдно, иако сите знаеле дека не е така. Сè до сега.