Научници го идентификувале генот кој е одговорен за трансформирањето на мирни во агресивни и насилни луѓе како последица на алкохол. Тимот на истражувачи откриле дека генетска мутација во мозокот придонесува кон насилно импулсивно однесување под дејство на алкохол.
Истражувачите ја анализирале ДНК на неколку импулсивни доброволци и ја споредиле со ДНК на еднаков број неимпулсивни луѓе. Тие откриле дека една единствена промена која го блокира генот познат како HTR2B била добар индикатор за импулсивно однесување. Генот влијае врз производството и детекција на серотонин во мозокот. Серотонинот е неуротрансмитер за кој се знае дека влијае врз неколку начини на однесување, меѓу кои е и импулсивноста.
„Интересно но ние откривме дека само генетската варијација не е доволна причина за да предизвика вакво однесување кај луѓето“ изјавил доктор Дејвид Голдман од Националниот Институт за Алкохолизам и Злоупотреба на Алкохол во Мериленд, САД. „Оние носители на варијацијата на HTR2B кои извршиле импулсивни злосторства се мажи, и сите станале насилни откако пиеле, активност која сама по себе води кон намалување на инхибициите.“
Соработувајќи со истражувачи од Финска и Франција, доктор Голдман и неговите колеги анализирале и примерок на насилни криминалци од Финска. Заедничко кај злосторствата направени од овие индивидуалци било што тие биле спонтани и бесцелни. Тимот ја открил поврзаноста со генот HTR2B по што спровеле истражување со глувци и откриле дека кога еквивалентниот ген ќе биде отстранет или исклучен глувците исто така станувале поимпулсивни.
„Импулсивноста, или дејствувањето без размислување, е фактор кај голем број патолошки однесувања, како самоубиство, агресија и зависност“ вели доктор Голдман. „Но импулсивноста може да биде и вредна особина ако е потребно брзо одлучување или во ситуации каде што е пожелно преземање ризици.“ [A gene that could explain why the red mist descends]