Од почит кон жртвите од пожарот во кочанската дискотека и нивните блиски, врз основа на препорака од Министерството за култура и туризам, Центарот за култура Куманово и Музеј Куманово ги откажаа сите закажани настани за оваа недела. Нема да се одржи претставата „Смрт и девојка“ која требаше да се игра во четврток, на 20 март. „На крајот од неделата не беа закажани други настани, а публиката ќе биде информирана кога ќе биде изведена одложената претстава. За почит кон споменот на 59-те жртви, откажаа и неколку интерни активности, како проби и подготовки за различни активности”, изјави директорот Сашо Тодоровски.
Музејот Куманово, исто така, планираше отворање на изложба на нашиот сограѓанин Мирослав Величковски. Директорката Марија Живачки информираше дека изложбата ќе биде презакажана. „Имавме во план отворање на неговата изложба како дел од редовната програма за 2025 година, но тоа не беше јавно објавено. Се договоривме со авторот за подоцнежен датум“, истакна Живачки. Во период на жалост, се откажуваат сите спортски натпревари и јавни настани, собири, прослави и други одбележувања.