Коронавирусот се прошири насекаде низ светот, некаде помалку, некаде повеќе, но речиси нема парче земја во светот каде луѓето можат со мирна душа да заспијат.
Епидемијата направи сериозни проблеми и во спортот, големи натпреварувања се откажуваат, а воедно се заканува одложување и на Летните олимписките игри, како и на Европското првенство во фудбал.
Сепак, на спортистите им се дадени упатства да продолжат со тренинзите за претстојните Олимписки игри, иако обуката на скоро 80.000 волонтери, која требаше да започне на 22 февруари, е одложена за следните два месеци, пишува „Дејли мејл“.
Не само што на Олимписките игри им се заканува епидемија на коронавирус, туку и следниве спортски настани се откажани или одложени.
Атлетика
Светското првенство во атлетска во сала во Нанџинг, кое беше закажано од 13 до 15 март е одложено до следната година.
Полумаратонот во Париз, за кој се очекуваше да собере околу 44.000 натпреварувачи, е откажан откако француската влада реши да ги забрани сите собири во затворен простор со повеќе од 5.000 посетители.
Бокс
Натпреварот помеѓу Даниеле Скардине и Ендру Франсилет, организиран од Меѓународната боксерска федерација, закажан за 28 февруари во Милано, е одложен на неодредено време.
Олимписките квалификации во бокс се префрлија од Вухан, град кој е центар на епидемијата, во јорданската престолнина Аман.
Велосипедизам
Данскиот велосипедист Мајкл Морков (34) доби зелено светло да продолжи да учествува на Светскиот куп во велосипедизам, откако помина време во изолација поради стравувањата од коронавирус. Морков учествуваше на трката околу Емирати пред да биде откажана под сомнение дека две лица во менаџментот биле заразени со вирусот. Крис Фрум бил тестиран на вирусот, додека Марк Кевендиш бил изолиран во хотелска соба.
Фудбал
Фудбалската асоцијација на Кина ги одложи сите натпреварувања во земјата по треската која ѝ се случи со коронавирусот. Натпреварите во азиската Лига на шампиони, во која учествуваа кинеските клубови Гуангжу Евергранде, Шангај Шенхуа и Шангај СИПГ се презакажани за април. Одложени се и националните фудбалски лиги во Јапонија и Јужна Кореја.
Во Европа нема да се играат натпревари во италијанската Серија А сè до 3 април.
Италијанците прво одлучија дека натпреварите во Серија А ќе се играат пред празни трибини до крајот на месецот, како што беше случајот во последното коло, но потоа беше решено фудбалот во првата и втората италијанска лига да не се игра воопшто. Ова е голем проблем за Серија А бидејќи никој не знае кога и како ќе се играат одложените натпревари.
На крајот на месецот доаѓа и репрезентативната пауза, каде Македонија ќе го пречека Косово во полуфиналниот бараж натпревар во Лигата на нации. Но, истиот се очекува да биде одигран без публика, а можеби и одложен.
Исто така, голем број натпревари во Лигата на шампионите и Лигата на Европа ќе се играат без гледачи, а истото ќе важи и за сите првенства ширум Европа. Единствено прекинато првенство досега е италијанското, додека во останатите оваа одлука се очекува да стапи во наредните неколку дена.
Европските федерации ја повикуваат УЕФА да го одложи Европското првенство во 2020 за следното лето, објави „Тутопорт“. Поради епидемијата на коронавирусот, националните федерации имаат проблеми со своите првенства, натпреварите низ цела Европа се играат без публика, а дискутабилно е и регуларноста на сите натпреварувања, вклучително и на Европското првенство, кое треба да започне на 12 јуни во Италија, во срцето на епидемијата во Европа.
Националните федерации вршат огромен притисок врз УЕФА успешно да ја прекинат својата лига. Притисокот само се зголемува и идејата за одложување на Европското првенство во УЕФА сериозно се разгледува, објави италијански „Тутопорт“.
Формула 1
Новата сезона во Формула 1 треба да започне на 15 март, но поради ширењето на епидемијата на коронавирус од ден на ден создава дополнителни проблеми.
Додека чекаат потврда за тоа дали првата трка од сезоната ќе се одржи во Австралија на 15 март, лошата вест пристигнува од Бахреин, каде седум дена подоцна се очекува да се одржи втората трка од сезоната во Ф1.
Имено, поради ширењето на коронавирусите, властите во Бахреин им забранува влез на сите странски државјани кои престојувале во Италија, Ирак, Кина, Хонг Конг, Иран, Тајланд, Сингапур, Малезија и Јужна Кореја во претходните 14 дена. Ова е голем проблем за екипите на Формула 1 од Италија – Ферари и Алфа Таури, но и екипи кои користат мотори на Ферари – Алфа Ромео и Хаас.
Ова значи дека ќе биде практично невозможно да учествуваат на втората трка од сезоната во Бахреин, но останува да видиме.
Тенис
Турнирот во Индијан Велс, кој е предвиден да биде првиот Мастерс во 2020 година, нема да се одржи поради епидемијата на коронавирус. Поточно, случаи на коронавирус се потврдени во јужна Калифорнија, па организаторот одлучи да го откаже турнирот поради страв од ширење на вирусот, но и за безбедноста на тенисерите. Играњето на сите други турнири е под знак прашалник.
Други спортови
Мото ГП шампионатот ги одложи првите две трки сезонава, во Катар и Тајланд. Трките во Мото2 и Мото3 во Катар остануваат на распоредот.
Бејзбол-лигата на Јужна Кореја ги откажа сите 50 натпревари планирани за март.
Турнирот во одбојка на плажа во Јангжо беше одложен за периодот по Олимпијадата, а првично беше закажан помеѓу 22 и 26 април.
За да се избегне можноста од зараза, НБА лигата им забрани на кошаркарите да се ракуваат, да даваат автограми, да допираат предмети….
Германија ја откажа првата хокеарска лига, а многу други земји размислуваат за сличен потег.