Осумте лаги на мојата мајка

Мојата мајка не ја зборуваше секогаш вистината. Ме излажа осум пати и тоа во важни животни моменти!

Приказната почнува со моето раѓање. Роден сум како син единец во многу сиромашно семејство. Сиромашно до таа мерка што немавме доволно храна, а камоли нешто повеќе. Во ретки прилики се случуваше да имаме малку компири дома. Мајка ми ќе подготвеше скромен оброк и секогаш ќе го истуреше својот дел во мојата чинија говорејќи: „Јади сине, јас не сум гладна“.

Тоа беше нејзината прва лага

Кога малку потпораснав, мојата мајка по обавувањето на домашните работи, ќе отидеше до реката која се наоѓање под нашата куѓа, со надеж дека ќе улови некоја риба за јас да се хранам здраво и да се развивам како другите деца. Во една прилика, успеа да улови дури две риби. Побрза дома и ги зготви двете риби и ги стави во мојата чинија. Јас малку по малку ја јадев рибата, а мојата мајка го јадеше она што ќе остане на коските. Гледајќи го тоа, моето срце затрепери и онаа, другата риба и ја ставив во нејзината чинија, а таа ми ја врати велејќи?

„Сине, изеди ја и другата, ти знаеш дека јас не сакам риба“.

Ова беше нејзината втора лага.

Времето поминуваше и дојде ден јас да појдам на училиште. Бидејќи немавме доволно пари за школување, мајка ми отиде во една продавница за алишта и се договори со сопственикот да продава алишта по куќите на богатите луѓе. Еден студен и дождлив ден, мајка ми се задржа подолго на работа. Чекајќи ја дома, се загрижив и излегов да ја побарам. Ја видов како ја носи торбата со алишта и чука на вратите од туѓите куќи. Ја повикав: „Мамоооо, ајде дојди. Си одиме дома, доцна е и студи. Можеш да продолжиш изутрина!“

Таа се насмеа и ми рече: „Сине, јас не сум уморна.“

Ова беше нејзината трета лага.

Дојде денот кога се полагаа школските испити. Иако беше многу жешко, мајка ми сакаше да дојде со мене на училиште. Сонцето ја пржеше земјата, а површината на песокот зрачеше од топлина. Влегов во училиштето, а таа остана да ме чека во школскиот двор. Кога завршија испитите излегов од училиштето, а таа ме дочека со топла мајчинска прегратка, исполнета со љубов и милост. Во раката држеше студен и свеж сок кој го купила за мене. Кога почнав да го пијам, се свртев и ја погледнав, по нејзиното чело се сливаа капки пот. И ја подадов чашата и и реков: „Мајко, пиј“, а таа ми рече: „Сине, само ти пиј. Јас не сум жедна“.

Ова беше нејзината четврта лага.

По смртта на мојот татко, мајка ми живееше тежок живот како вдовица. Ја превзеде целата одговорност за водење на куќата, едноставно мораше да се грижи за сè. Животот стануваше се потежок, а ние многу често гладувавме. Покрај нашата куќа живееше мојот вујко, инаку многу добар човек. Тој често пати ни даваше храна за да ја ублажиме гладта. Кога видоа комшиите колку страдаме и дека нашата состојба стана неподнослива, ја советуваа мојата мајка, која сè уште беше млада да се омажи за еден човек кој би ни помагал во животот. Меѓутоа, мојата мајка го одби овој совет со зборовите: „Јас немам потреба од љубов“.

Ова беше нејзината петта лага.

По завршувањето на факултетот, добив добро платена работа во една фирма и одлучив самиот да ја преземам грижата за куќата. Бидејќи здравјето на мојата мајка ослабна и не можеше да продава облека по домовите на богатите, таа почна да продава зеленчук на пазар. Кога одби да престане да работи, издвоив дел од мојата плата и и дадов, а таа одби да го прими велејќи: „Чувај ги сине твоите пари, јас имам доволно за себе“.

Ова беше нејзината шеста лага.

Без разлика што добив работа, јас го продолжив школувањето и набргу магистрирав. Постигнав успех и ми се зголемија приходите. Една фирма ми понуди добра работа во своето седиште во Германија. Навистина се израдував и така почнав да сонувам за новиот и среќен живот. Откако отпатував и се средив, ја повикав мојата мајка да живее кај мене. Таа не сакаше да ми пречи и ми рече: „Сине, јас не сум научена на удобен живот“.

Тоа беше нејзината седма лага.

Како што поминуваше времето, мајка ми сè повеќе старееше и набргу се разболе од карцином. Во тешките моменти некој мораше да и помага. Што можев да направам кога помеѓу мене и мојата сакана мајка имаше многу држави? Оставив сè и се вратив дома. Срцето ми се кинеше бидејќи беше исцрпена и слаба. Не беше тоа мојата мајка која што ја познавав… Солзи почна да се слеваат низ моите образи, но таа и тогаш се обиде да ме утеши велејќи: „Сине, не плачи, не чувствувам болка“.

Ова беше нејзината осма лага.

Откако го изусти тоа, ги затвори очите и повеќе не ги отвори.

На секој кој ги чувствува благодетите на своите родители му препорачувам:

Чувајте ја оваа благодет пред да тагувате по нејзината загуба…

- Реклама -