Во Дебар е зголемено времетраењето на рестрикцијата во водоснабдувањето од три и пол на осум часа. Според надлежните, тоа се должи на злоупотребата на водата.
„Нашите апели таа рационално да се користи беа попусти. Корисниците продолжија со злоупотреба на водата за пиење за наводнување зелени површини, градини, миење на дворови, па дури и тротоари и улици пред секоја куќа, поради што бевме принудени да го зголемиме времетраењето на рестрикцијата. Таа ќе трае сѐ до подобрување на состојбата“, велат од Јавното комунално претпријатие „Стандард“ .
Оттаму додаваат дека со рестрикцијата опфатен е поголемиот дел од градот, односно населбите Венец еден, Венец два, Тараник и Ќернаница, како и главната улица во градот. Рестрикцијата е од 13 до 17 и од 2 до 6 часот.
„На овој начин обезбедуваме вода за другите делови на градот, каде што поради нискиот притисок, поради злоупотребата, вода немаат речиси во текот на целиот ден. Во главниот резервоар во градот пристигнуваат 120 литри вода во секунда, што е доволно за задоволување на потребите на околу 25.000 жители, доколку според европскиот просек се трошат по 200 литри вода дневно по човек“, посочуваат од „Стандард“.
За волја на вистината, постојани жители во градот не се ни половина од таа бројка, но, и доколку се има предвид големиот број иселеници кои се пристигнати во родниот крај, сепак вода има доволно за сите доколку не се злоупотребува.
Од 20 јуни рестрикција беше воведена само во двете најголеми населби – Венец еден и Венец два, во период од 13 до 16 часот, но жителите потврдуваат дека таа траела и до 17 часот.
МИА