Десетмина осомничени во финансиски скандал
Заврши распитот на осумте осомничени лица, кои се поврзани со вчерашната акција во Управата за јавни приходи. Основниот кривичен суд во Скопје им определи мерка притвор за период од 30 дена. Како што известува судот, по разгледувањето на фактите и доказите, предлогот на обвинителството беше прифатен, поради постоењето на три законски основи: опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од поврзување во нови кривични дела.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврдија дека истрагата се води под надзор на јавен обвинител, а во акцијата учествуваа истражителите од Истражниот центар со асистенција на Министерството за внатрешни работи. Во текот на акцијата, извршени се претреси на 16 локации, по што беа пронајдени и привремено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати, а осомничените беа приведени.
Оваа акција е резултат на соработка помеѓу Истражниот центар и Управата за финансиско разузнавање, а започната е по известување од Агенцијата за национална безбедност. Податоците укажуваат дека обвинителството отворило предмет за 20 лица, осомничени за оштетување на државниот буџет со 297.733.844 денари, односно околу 4,8 милиони евра.
Според обвинителството, првоосомничениот, српски државјанин и сопственик на две правни лица, заедно со двајца службеници од УПЈ, во текот на 2023 година основале организирана група за извршување на кривични дела, како што се даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во групата биле вклучени и други сопственици и работници во правни лица од Скопје и Гевгелија.
Со манипулирање на податоците во даночните пријави, првоосомничениот успеал да избегне плаќање данок во висина од 11.593.403 денари во периодот од 2023 до 2024 година. Други осомничени, пак, со лажни пријави побарале и добиле неосновано враќање данок, со што на буџетот му е нанесена штета од 31.175.168 денари. Дел од осомничените вршеле трансфери и подигнување парични средства за да го прикријат потеклото на средствата од кривичните дела, со вкупна сума од 91.985.197 денари.
Досегашните докази укажуваат на тоа дека осомничени вработени во УПЈ, вклучувајќи и лица на високи раководни позиции, со злоупотреба на службената положба нанеле штета на Република Северна Македонија од најмалку 162.980.076 денари. Јавниот обвинител предложи мерка притвор за десет осомничени, а судот одлучи за осум лица, додека двајца веќе имаат определен притвор во друг предмет поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За останатите десет осомничени препорачани се мерки за обезбедување присуство, вклучувајќи забрана за работа поврзана со кривичните дела.




