Директорот на затворот Шутка, Бобан Утковски, во изјава за „Скопје1“ истакна дека притвореното лице Боре Видевски било подложено на континуирана медицинска нега и редовно упатувано на специјалистички прегледи. Според него, во текот на минатиот месец, Видевски неколкупати бил транспортиран до Клиниката за урологија и Клиниката за нефрологија, а потоа и на дополнителни испитувања од биохемија и микробиологија.
„Извесен период му беше дадена антибиотска терапија по препорака на специјалист, а по нејзиното завршување повторно беше упатен на клиника за урологија и нефрологија, каде што остана на болничко лекување“, рече Утковски.
Оваа ситуација е развиена откако неговиот адвокат предходно изрази загриженост за сериозно влошената здравствена состојба на клиентот, наведувајќи дека функцијата на бубрегот е значително ограничена.
Утре, во Апелациониот суд во Скопје, ќе се одржи јавна седница по жалбите на Љупчо Палевски, Велибор Манев, Видевски и Влатко Кешишев, кои беа осудени на доживотен затвор за киднапирањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Осудените бараат укинување на првостепената пресуда и повторување на постапката, додека Обвинителството поднесе жалба за делот на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски. Судija-известител за овој предмет е Лирие Елези-Ајрулау. Според првостепената пресуда, обвинетите добија по 10 години затвор за грабнувањата, а доживотен затвор за убиствата, кои, како што утврди судот, биле извршени по претходен план со цел на изнуда на пари.




