Управата за јавни приходи упатува повик до сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навремено да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за актуелниот даночен период. Крајниот рок за поднесување на овие пријави е 25-ти јули 2025 година (петок).
До сега, од планираните 41.171 ДДВ-04 пријави, поднесени се само 16.015, што претставува близу 40% од вкупниот број даночни обврзници. Овој процент е за 10 п.п. повисок во однос на претходните два квартала, кога биле поднесени околу 30% од очекуваните пријави за истиот период. Сепак, за да се испочитува рокот, останува да се поднесат уште 25.156 ДДВ-04 пријави до завршниот рок.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, со цел да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци. Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од клучно значење за усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнесите и поттикнување на економскиот развој.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на:
Е-пошта: info@ujp.gov.mk
Телефон:
• Фиксна линија: 0800 33 000
• Мобилен телефон: 02 3253 200
Управата за јавни приходи и нејзините стручни тимови се на располагање во секое време, за да обезбедат потребни информации и поддршка за успешно исполнување на даночните обврски.




