Филип Секуловски, осомничен за убиството на 28-годишниот Мартин Јанушев, е ставен на листата за потраги објавена на веб сајтот на Министерството за внатрешни работи.
МВР во четвртокот соопшти дека Секуловски е осомничен за убиството на Јанушев, што се случи пред 18 дена, а по него беше и распишана меѓународна потерница.
Покрај објавената фотографија, се наведени и личните податоци на Секуловски, но таму не е наведено за кое кривично дело е осомничен, како што е случај за останатите осомничени кои се на листата за потраги.
– Имаме несоборливи докази дека лицето Ф.С. е сторител на убиството на Мартин Јанушев. Поднесена е и кривична пријава, а стапуваат и другите мерки кои треба да бидат преземени во смисла на меѓународна потерница за обезбедување на лицето и целосно расчистување на случајот – рече пред неколку дена министерот Оливер Спасовски.
Управата за извршување санкции веќе потврди дека против 25-годишниот Секуловски е распишана потерница како бегалец од затворот во Шуто Оризари. Секуловски е пуштен на слободен викенд во петок пред убиството, а потоа не се вратил на издржување на казната.
Јанушев беше убиен на 3-ти ноември годинава со неколку куршуми на влезот од неговата зграда на улицата „Владимир Комаров“ во скопски Аеродром.