Поглаварот на ИВЗ бара пари од државата, а во спротивно ќе ја повлечел забраната и ќе ги повикал верниците на молитва, пренесоа медиумите.
Вицепремиерот Бујар Османи, пак, во телефонски разговор за „Алфа“, вели дека не ја сфатил изјавата на Реисот Сулејман Реџепи толку драматично. Според него, изјавата е извадена од контекст, но и секој имал право да бара помош.
„Македонија е секуларна држава, како мислите државата да финансира верска заедница?“, беше прашан Османи.
„Нив, основен извор на финансирање им се верниците…“, гласеше неговиот одговор.
„А на другите верски заедници кои им се основни извори на финансирање?“, се надоврза новинарката.
„Не, не за сите. Не зборам тука за една верска заедница. Прашањето е кога вие барате од некого да почитува една мерка и поради тоа има последици за вработените таму , имаат право да бараат. Така да не мислам дека треба да се драматизира доколку и они бараат минимална плата, бидејќи ако на вработените во рестораните им даваме минимална плата, заради тоа што ги принудивме да затвораат, сепак треба да се обезбеди минимум основен приход на луѓето таму. Мислам дека и е легитимно да се бара такава помош од било каква верска заедница. Но, ви велам кој ќе биде одговорот на Владата зависи од тоа кои се финансиските можности“, рече вицепремиерот.
Верските заедници не плаќаат данок, не издаваат фискални и не го полнат буџетот, а целата заработка останува за нив, потсетува „Алфа“, што, според нив, отвара дилеми дали државата треба да ги финансира овие институции.
Од друга страна вчера владата со Указ даде финансиска инфузија за православскиот факултет и за факултетот за исламски науки кои се под директна капа на верските заедници.