Османи за шпекулациите за негово разрешување: Во ДУИ има големо ниво на демократија, но последниот збор го има лидерот Ахмети

Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ја коментираше наводната понуда за негово разрешување од министерската функција со цел да се смири незадоволството кај „огнената група“ во ДУИ. Според него, се работи за лажна вест која не заслужува никаков коментар.

Во однос на отвореното писмо од групата членови на ДУИ, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.

„Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна“, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.

Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.

„ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните“, додаде Османи.

Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висат Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаа лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

Телевизијата ТВ21 објави дека, наводно, за да се смират незадоволниците, им бил доставен предлог Османи да биде сменет од функцијата министер, но дека тие го одбиле предлогот наведувајќи дека проблемот е Груби и дел од другите министри.

Ахмети вчера во Тетово изјави дека ДУИ може да функционира без било кој поединец затоа што има стабилни структури.

„Без сомневање дека ДУИ има воспоставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити. Ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка. За 20 години има инвестирано во кадарот на партијата. Советот и Конгресот се функционални, за анархијата нема место“, изјави Ахмети.

Извор: МИА

- Реклама -