„Не е важна националноста, туку е важна еднаквоста. Националноста е важна доколку оневозможувате некому заради неговата националност да биде на одредена позиција во државата“, истакна портпаролот на ДУИ – Бујар Османи, на денешната партиска прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање околу најавата на лидерот на партијата – Али Ахмети, дека целта е следниот претседател на државата да биде Албанец.
Османи истакна дека концептот на ДУИ е постигнување на целосна рамноправност и еднаквост на сите граѓани и на сите етнички заедници.
„Овој процес го реализиравме и продолжуваме да го реализираме и до сега изградивме куќа во која што сите сме рамноправни. Сега таа куќа треба да ја направиме убаво место за живеење“, рече тој.
„Мислам дека ова не е прашање на рокови на динамики. Тоа што ДУИ го прави е дека ги предизвикува стереотипите. ДУИ наметнува теми, ДУИ отвора теми коишто ја растоваруваат државата од ретроградни погледи коишто ја држеа назад. Тоа го прави ДУИ. Формалните прашања се многу помалку важни од тоа што ДУИ во оваа држава го наметнува како агенда во овие 20 години и на некој начин стана кормилар на прогресивниот евроатлантски пат на земјата, што успеа да прерасне во една функционална мултиетничка демократија која стана модел не само во регионот, туку и пошироко. ДУИ има сериозен печат во таа функционална мултиетничка демократија за која се гордееме сите“, истакна Османи.
Тој посочи дека Ахмети, на последните средби со граѓаните, ги објаснувал „двете поглавја“ на политичкото дејствување на партијата.
„Поглавјето на создавањето на заедничка држава која што заврши со претходните парламентарни избори во коишто ДУИ со сто процентна ефективност ги урна сите табуа во државата дека граѓаните не се еднакви. Успеавме да ги урнеме една по една сите зони на етнички монопол коишто беа ексклузивно резервирани за една етничка заедница, завршувајќи со премиерот којшто е договорен согласно договорот од 18 август, а ќе биде во последните 100 дена од оваа Влада“, рече портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи.
Со промоцијата на тој концепт и со уривање на овие стереотипи, додаде, државата всушност само добила, овозможувајќи еднакви права и можности на граѓаните.
„Оттука консензуалниот концепт за претседател на државата останува како најдобро решение за оваа држава. При тоа сите граѓани имаат право да бидат дел од консензуалниот концепт за избор на претседател на државата“, подвлече Османи.
Според него, ДУИ се преминува на ново поглавје, во коешто, како што рече, заедничката куќа која што ја изградивме овие 20 години, со уставните измени од 2001 година, сега треба да ја направиме убава за живеење.
„Заедничката куќа што ја изградивме овие 20 години, со уставните измени од 2001 година, сега треба да ја направиме европска за живеење. Тоа е зелената агенда на ДУИ. Достоинствени граѓани, рамноправни граѓани коишто живеат европски стандард. Е тоа новиот момент и новиот квалитет којшто наметнува зелената агенда“, додаде Османи.