Околу час и половина власта, опозицијата и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние дебатирале за причините поради кои земјава остана без позитивна одлука, за францускиот нон-пејпер и за препораките во него, денеска на состанокот на Националниот совет за евроинтеграции. Додека Тимоние уверувал дека Франција има само добри намери за интеграцијата на земјава во ЕУ, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во неколку прилики зборувал за разочараноста од незапочнувањето на преговорите и потенцирал дека единствената вистина е дека земјата исполнила сѐ што било потребно, а негативната одлука е резултат единствено на дилемите за европскиот проект во самите рамки на ЕУ, пренесува „Радио Слободна Европа“.
„Направивме сѐ што беше во наша моќ и повеќе од тоа. И се разбира дека поради тоа бевме разочарани. Ние бевме разочарани, беше неочекувано. Институциите беа разочарани, вработените во администрацијата кои со ентузијазам чекаа и гледаа светло на крајот на тунелот, а всушност видоа воз кој доаѓа во тунелот“, рекол Османи. Повеќе ТУКА.