Османи во посета на Ирпињ: Слободата на сите европски земји денес се брани во Украина

„Тоа што го видов кај Ирпињ уште еднаш ме убеди колку нашиот став за осуда на оваа воена агресија е оправдан. Пронајдени се телата на бројни цивили, додека над 70 отсто од зградите се целосно или делумно уништени, вклучително болници и образовни институции“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Ирпињ, на периферијата на Киев, при неговата посета на Украина.

Невидената и неиспровоцирана агресија претставува „тешко кршење на меѓународното право, напад врз суверена земја и сериозен обид да се уништат темелите на меѓународната безбедност и стабилност“, порача Османи.

За неговата посета на Украина, тој посочи дека тоа е чин на поддршка и солидарност, а сцените таму, како што рече, се доказ за неразумната и деструктивна политика која стои зад нив, порача Османи.

Во Киев, шефот на македонската дипломатија се сретна со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.

„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денес се брани во Украина и Украина ја заслужува сета почит помош и поддршка поради тоа“, изјави Османи по средбата, додавајќи дека нашата држава од почеток се приклучи кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

Како што соопшти МНТА, централна тема на разговорите на оваа, втора во период од само неколку недели, средба со Кулеба, била руската агресија врз Украина и нејзините последици врз украинската држава и граѓани, но и пошироко.

„Соговорниците се сложија дека во прашање е грубо кршење на меѓународното право и неиспровоциран напад врз суверенитетот на една земја, но и сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобална безбедност и стабилност“, се вели, исто така, во соопштението.

Османи и Кулеба разговарале и за европската перспектива на двете земји, влијанието на украинската војна во тој контекст и потребата процесот да го добие своето зголемено внимание, согласно новата геополитичка и безбедносна динамика.

За време на својата посета во Киев, Османи ја реотвори Амбасадата на земјава во Украина, со што таа е ставена во полна функција.

„Ова не е само симболичка порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, порача министерот.

Извор/фото: МИА

- Реклама -