Османи успешно „предвиде“: Не се исполнети условите за екстрадиција на Морина, оцени Кривичниот суд

Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Томор Морина, нема да биде есктрадиран во Србија бидејќи не се исполнети условите за екстрадиција, соопштија од Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје.

„Во однос на повеќе новинарски прашања за Т.М. кој се наоѓа во притвор заради постапка за екстрадиција по распишана меѓународна потерница, ја информираме јавноста дека Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по барање на Министерството за правда на РСМ, а по разгледување на целокупната пропратна документација во барањето, како и ценејќи ја досегашната воспоставена судска пракса и меѓународното право, донесе решение дека не се исполнети условите за екстрадиција на лицето во Р.Србија како баратели на екстрадицијата. Решението, заедно со предметот, согласно член 65 ст. 5 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, веднаш ќе бидат доставени до Врховниот суд на РСМ за понатамошно одлучување“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Во меѓувреме, Морина ќе остане во притвор, сè додека решение по предметот не донесе и Врховниот суд на Северна Македонија.

Морина беше приведен пред две недели, на 24 јули, на граничниот премин „Блаце“, по потерница од Интерпол издадена на барање на Србија, каде Морина се бара поради сомневања за поврзаност со воени злосторства против цивили на Косово.

Пред одлуката на Кривичниот суд, во дипломатскиот пинг-понг меѓу Србија, Косово и Северна Македонија, еден од главните актери беше вицепремиерот Бујар Османи, кој изјави дека нема теоретски шанси Морина да биде есктрадиран во Србија.

„Најдов начин да му испратам порака на господинот Морина дека ги активиравме сите домашни механизми за да ја разјасниме ситуацијата и што поскоро да се донесе позитивна одлука за него и да се гарантира дека нема теоретски шанси да биде екстрадиран во Србија, како и дека она за што се ангажирам е да биде ослободен од притвор додека не завршат постапките во Министерството за правда и додека министерството не донесе одлука дека нема да биде екстрадиран“, изјави Османи.

Што вели досегашното искуство со вакви случаи

Иако државите се должни да постапуваат по барањата на Интерпол, Северна Македонија нема да биде првата што тоа нема да го направи; Напротив, и други земји најчесто не ги испорачуваат припадниците на ОВК во Србија. Таков пример е косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој во 2017-та година беше фатен на аеродромот во Базел по потерница од Србија и уапсен и сместен во екстрадициски притвор од страна на француската полиција. Неколку дена подоцна, надлежниот суд одлучи тој да не биде екстрадиран и го ослободи, потсетува „Пресинг ТВ“.

 

- Реклама -