Османи: Успешни избори ќе бидат последниот чекор, со кој ќе ѝ покажеме на ЕУ дека заслужуваме преговори

„Република Северна Македонија е пример за успешна преродба на европската идеја во еден тежок регион како што е Балканот. Таа приказна е толку силна што не може да ја игнорира ниту една земја-членка и таква мислам дека ќе биде и одлуката во јуни“, порача вицепремиерот Бујар Османи на денешната прес-конференција во Клубот на пратеници по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.

Слично како и Шекеринска, тој истакнува дека Северна Македонија е исклучок меѓу „студениот туш“ пораки до земјите од Западниот Балкан и очекува дека Европската унија ќе одлучува по меритократски пристап, односно според индивидуалните заслуги на секоја земја.

Оттаму, Османи смета дека земјава во моментов ги прави последните чекори од „маратонот“ кон ЕУ, но последниот конкретен чекор, апелира, ќе треба да го направат граѓаните во вториот круг на претседателските избори кој ќе се одржи во недела, на 5 мај.

„Сметам дека тие последни чекори се совпаѓаат и со чекорите што граѓаните треба да ги поминат од нивните домови до гласачките места, бидејќи успешни избори на 5 мај, значи докажување на зрелоста и демократскиот капацитет на државата. Тоа ќе биде најсилната порака, и последниот аргумент со кој ќе се убедат земјите-членки и Европската комисија, дека оваа држава ги исполнува сите услови и политички и технички, за започнување преговори“, истакна вицепремиерот.

Доколку сепак се случи спротивното – голем број од граѓаните не излезат на гласање и не се исполни потребниот цензус (од 40%), според Османи тоа ќе значи голема криза во Северна Македонија и немање на перспектива за понатамошен развој. Ако пак тоа резултира со недобивање на датум во јуни за почеток на преговорите со ЕУ, потоа сè ќе биде многу непредвидливо, од повеќе причини (Брегзит, изборни процеси во повеќе месеци и сл.), оцени вицепремиерот во неодамнешното гостување во „Click Plus“ на ТВ21.

 

- Реклама -