„Не сакам да влезам во реплика со поранешниот колега затоа што јавноста кажа доволно, и политичкатата, и граѓанската…“, изјави во вчерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“ министерот за надворешни работи Бујар Османи, потенцирајќи дека ќе се воздржи од коментари по обвинувањатата од поранешниот вицепремиер за европски прашања – Никола Димитров.
„Ретко за кое прашање во јавноста имало консензус. Ќе беше изненадување тајмингот да не беше тој. Тајмингот е утнат во давање такви квалификации откако ќе видите дека не сте во списокот. Ќе се воздржам од коментари и само можам да му посакам успех во понатамошната работа и ангажмани“, рече Османи.
Тој посочи дека со Димитров работеле заедно и дека имале и заеднички постигнувања. Едно од поважните, оцени Османи, е што политичарите кои ги претставуваат заедниците, посебно македонската и албанската, можеби за првпат по независноста за едно прашање зборувале во еден тон, и во Скопје, и во Софија, и во Брисел, и во Вашингтон.
„Некој што не ги знае приликите и не го знае процесот, тоа може да го потцени, но, тоа е многу важно“, подвлече Османи.
Според него, со Димитров немале суштински разлики во процесот, туку имаат во работната дисциплина.
„Мислам дека ова се реакции на моментот, така подобро е да се воздржам. Можеби по неколку месеци, доколку се повторуваат, би кажал. Но, сега е рефлексија на моментот, на ситуацијата“, рече шефот на дипломатијата.
Сепак, тој оцени дека е лоша карактеристика кога некој вели дека само тој е добриот а сите други се лоши, во случајов Димитров наспроти екс-премиерот Заев, актуелниот премиер Ковачевски, Османи, опозицијата и претседателот на државата.
„Таквите поставувања или пристапи системот ги отфрла, процесот ги отфрла, затоа што овој процес е тимски. Никој не е најпаметен, никој не е најзаслужен – така е поставен системот, никој не може да направи било што на своја глава, па дури и премиерот и претседателот на државата“, рече Османи.
Според него, таквата теза на Димитров е опасна, посебно поради етничката припадност на Османи.
„Но, тука е трикот за да се спомне и друг заради опасноста од тезата – минирањето на ова унифицирање на еден државен став кој го споделуваат подеднакво сите етнички заедници, како ретко за кое прашање во независноста на оваа држава, е најмалку безобразно“, тврди Османи.
Тој е категоричен дека во животот, во политичката кариера, па и во овој процес, нема никаков свој личен багаж, и увери дека „продолжува да ги отвора патиштата“ за да им овозможи на граѓаните европска иднина.