Откако без никој тоа да го побара ја начна идејата Бугарите посебно да бидат споменати во Уставот, а не под „други“, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска мораше да се дообјаснува за таквата изјава.
Тој посочи дека проблемот и забелешките од Бугарија се однесуваат на презентирањето на податоците од пописот, а не дали и како Бугарите се споменати во Уставот. Во таа насока тој спомнал дека ако има технички пречки нивната бројка да биде конкретно/посебно презентирана поради тоа што во Уставот спаѓаат под „други“, тој нема резерви да бидат посебно споменати и во Уставот.
На прашање на новинарите и на барање на Османи, директорот на Државен завод за статистика – Апостол Симовски, појасни дека не постои таква техничка пречка. Тој истакна дека и досега се евидентирале целосните податоци и се достапни, но дека единствената разлика била во тоа како се презентирани податоците од техничка природа, односно дека има кратка и долга форма на прикажување. Така, на пример, во печатените медиуми немало доволно простор да биде објавена целата листа на сите попишани етнички заедници, но во електронска форма, како што главно ќе бидат презентирани податоците од овој попис, тоа и може да се направи. За да долови сликовито, Симовски го даде примерот од пописот во 1991 година, кога тој лично учествувал во изготвувањето на целосната листа, на која имало над 100 етнички заедници. Истата била долга 10 метри.
По образложувањето на Симовски, Османи додаде дека неговата изјава била во насока да ги демантира обвинувањата од Бугарија дека правата на одредена заедница не се почитуваат. Како што рече шефот на дипломатијата, етничката разноликост и почитувањето на сечии индивидуални и колективни права се најсилниот адут на нашата земја, по кој сме прочуени и надвор, и затоа не смее да се допушти друга држава да води негативна кампања токму на таа карта. Не смееме да оставиме простор за сомнеж дека нешто криеме или дека државата спречува некој да се изјасни слободно. Во тој контекст била и неговата изјава – дека доколку некои граѓани имаат таков впечаток, Владата е отворена да разговара со нив, затоа што гарантира дека не смее да се случува, додаде Османи.