Османи: Реакциите во Северна Македонија на посетата на Курти се поради недоразбирање кое бргу ќе се надмине

Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека реакциите во земјва на случувањата за собирите во Чаир и Тетово, за време на посетата на премиерот Албин Курти минатиот петок, се последица на недоразбирања, за кои изрази уверување дека двете соседни држави бргу ќе ги надминат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава пред новинарите за време на посетата на општина Драгаш, Османи рече дека појавата на знаме на „Етничка Албанија“ меѓу поддржувачите на Курти во Тетово е само „потез на одреден граѓанин, а не нешто организирано“.

Таа ги повика македонските институции, „доколку ги загрижува нешто“, истото да го адресираат согласно меѓународните стандарди за заштита на човековите права и на правата на немнозинските заедници.

„Потег на одреден граѓанин, а не нешто организирано… На собири никој од организаторите не го контролира секој граѓанин што има во рацете, но тоа е како принцип. Нормално, доколку институциите на Северна Македонија ги загрижува нешто, наше единствено барање како институции на Република Косово е сé да се направи согласно највисоките меѓународни стандарди за заштита на човековите права, согласно меѓународните стандарди за заштита на правата на немнозинските заедници, со почитување на државотворната улога на албанската заедница во Северна Македонија, улога која продолжува да ја игра и ден денес, а тоа го знаат и македонските институции“, рече Османи.

Таа нагласи дека двете земји имаат одлични односи и изрази уверување дека тие ќе се унапредуваат и натаму.

„(Северна Македонија е) еден од најценетите соседи на Косово, една од државите кои ја признаа независноста на нашата држава во најкритичните моменти, држава која географски ни е најблиска…, затоа и комуникацијата меѓу нашите и граѓаните на Северна Македонија секогаш била одлична и овие односи секојдневно се унапредуваат“, рече претседателката на Косово, додавајќи дека Албанците кои живеат овде претставуваат поврзувачки мост меѓу двете држави.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Недоразбирањето, вели, со добра волја од двете страни, ќе се надмине.

„Ова верувам дека е само мало недоразбирање, кое ако имаме добра волја обете страни, како што сме го докажале тоа секогаш досега, ќе се надмине, кога се знае дека сите косовски институции се заинтересирани за позитивни и секогаш во подем односи со Северна Македонија“, рече Османи.

Посетата од минатиот петок на косовскиот премиер Албин Курти и неговото обраќање на собир во Тетово, каде што се појави знаме на „Голема/Етничка Албанија“, предизвика бројни реакции во македонската јавност.

Меѓу другите, реагираше и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој оцени дека „истакнувањето провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава“.

Пендаровски побара организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците.

Извор: МИА

- Реклама -