Нашата држава се наоѓа на крстопат. Еден пат води кон светла европска иднина, другиот пат води кон изолација безперспективност и нејасност. Затоа овие избори не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава, изјави кандидатот за претседател на коалицијата Европски фронт, Бујар Османи на денешната прес-конференција.
Тој ја нагласи симболиката на датумот 4 април, на кој ја почнува кампања за претседателските избори, од пред претседателската вила во населба Водно, која ќе ја води под слоганот „Искуство, чесност, посветеност“.
-Денеска започнувам една многу важна мисија не само за мене, туку за сите граѓани кои оваа земја ја чувствуваат како свој дом. Доаѓам директно на оваа прес-конференција од Брисел, од седиштето на НАТО. И тоа во еден посебен ден, четврти ден, четврти месец 2024 година на Денот на основањето на НАТО и на четиригодишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО. И јас го почнувам овој победнички карван со бројот 4 како симболика дека сме на правиот пат. Ја почнувам оваа мисија од седиштето на НАТО со надеж дека ќе ја завршам како претседател во седиштето на ЕУ, седнат на маса на Европскиот совет како полноправен член, подвлече Османи.
Нагласи дека имајќи ја можноста што, вели, му била дадена од граѓаните да биде дел од најважните интегративни процеси во земјава, смета дека го има потребното искуство, контактите и кредибилитетот во центрите на одлучување, како посветеноста да го заокружи сонот на секое семејство и граѓани за европска иднина.
-Позади мене стои најголемиот мултиетнички европски фронт, коалиција од девет партии, нова платформа која што е произлезена од Рамковниот договор, чија што цел е на овој крстопат да го задржи евроатлантскиот курс, да ја задржи меѓуетничката хармонија во државата, да ги зачува меѓусоседските односи и се разбира, да го заврши евроинтегративниот пат за Северна Македонија да стане членка на Европската унија до 2030 година. Придружете ни се. Мојата покана е до сите граѓани. Денеска го почнуваме овој победнички карван патувајќи на четирите страни од државата слушајќи ги барањата, очекувањата на граѓаните, а се разбира и претставувајќи ги моите планови како во наредните пет години оваа земја ќе стане членка на ЕУ, а граѓаните ќе имаат светла европска и безбедна иднина, потенцира Османи.
На прес-конференција присуствуваа претставници од подмладоците на партиите од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.