Министерот за надворешни работи – Бујар Османи, одговори на жалбата на грчкиот министер за спорт до УЕФА, откако вчера, по безброј прилики во изминатиов период, на само пар часови до почетокот на Европското првенство Грција реши да се жали за логото на „ФФМ“ на македонскиот дрес.
Османи, на прес-конференција, испрати јасна порака.
„Фудбалската Федерација на Македонија е независна и непрофитна организација, која во централниот регистар е регистрирана како здружение и како такво не прима државни пари. Договорот од Преспа опфаќа институции кои примаат државни пари. И сѐ додека ФФМ не прима државни пари, нема обврска да се прилагоди според Преспанскиот договор“, порача Османи.
Тој одговори и на делот во кој грчката страна тврди дека ознаката може да биде само „СМ“ или „РСМ“ (односно „NM“ или „NMK“, од North Macedonia), иако такво нешто не се споменува никаде во Преспанскиот договор, надвор од членот за регистарските таблички. Тоа го посочи и Османи.
„Трговските марки во Договорот се дефинирани: Кодот е ‘МК’, ‘МКД’. Некои прашуваат зошто не е ‘НМК’, но тој код е дефиниран само за регистарските таблички, според Преспанскиот договор“, истакна министерот за надворешни работи.