Османи од Брисел: Топката е кај Република Бугарија

На Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот, порача министерот за надворешни работи – Бујар Османи, кој учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

За прв пат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.

Како што изјавил Османи за МИА, тој пред неговите колеги од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од овој конфликт во регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија. На потег е Бугарија, бидејќи Северна Македонија исполни сѐ што беше побарано од неа, потенцирал Османи.

„Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот“, изјавил Османи за МИА, подвлекувајќи дека во моментов нема договор меѓу двете страни којшто би можел да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.

Оваа порака Османи ја испратил на денешниот состанок пред 27-те министри на ЕУ, меѓу кои и неговата бугарска колешка – Теодора Генчовска, која, според изворите на МИА, „не покажала флексибилност“.

Коментирајќи ја можноста Бугарија повторно да ја блокира земјава во јуни, Османи ја повторил проценката дека најмногу ќе изгуби политичкиот момент бидејќи, како што рекол, и во Македонија и во Бугарија сѐ помалку има политички капитал кој би можел да се фокусира на постигнување решение меѓу двете земји, а со тоа и решение за европската перспектива на регионот.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

„Се надевам дека нашите бугарски партнери ќе го препознаат тој момент којшто е сега, а што понатаму, ќе треба да седнеме и да видиме“, додал Османи.

Како што пренесува МИА, денеска Османи пред европските колеги ставил до знаење и дека ЕУ мора да ѝ помогне на земјава да се справи со последиците од војната: енергетска криза, инфлација, рекордното покачување на цените на основните производи… сето тоа паралелно со прогласувањето на статус на Северна Македонија како „непријателска земја“ од страна на Русија поради нашата усогласеност со западните санкции.

„Нашиот однос кон Русија е наше морално и стратешко убедување, тоа е вистинската страна на историјата, но последиците ги споделуваме заедно со ЕУ. Такви средби имав и денеска во Европската Комисија, укажував на економските последици кои ги има државата поради тоа и заедничкиот пристап. ЕК веќе донесе одлука дека земјите од Западен Балкан може да влезат во заедничкото обезбедување на гас, зборувавме за макрофинансиска поддршка на земјата, зборував за обидите за диверзификација на изворите на енергија“, истакнал Османи.

Во однос на макрофинансиската помош и износот што го бара земјава од ЕУ, Османи вели дека со тие прашања се занимаваат Министерството за финансии и Владата, но дека добил впечаток дека ЕУ и Европската Комисија имаат разбирање.

„Мислам дека се свесни во Европската Комисија и во Европската Унија и се обидуваат регионот да го вклучат во тие мерки за ублажување на последиците. За нас сметам дека е исклучително важен пристапниот процес, затоа што тоа е основа за понатаму другите прашања“, додал Османи, потсетувајќи дека идните месеци, па и години, се предвидува да бидат кризни не само за Западниот Балкан, туку и за цела ЕУ.

Според информациите на МИА, на денешниот состанок станало збор и за предлогот за Европската политичка заедница на францускиот претседател – Емануел Макрон. Земјите од Западен Балкан добиле уверување дека овој предлог не значи алтернатива за полноправно членство во ЕУ, но без повеќе детали. Деталите од овој план Макрон се очекува да ги сподели прво со неговите колеги, лидери на ЕУ, на претстојниот самит на ЕУ на крајот на мај.

Извор: МИА

- Реклама -