Османи: Никој не преговара и нема право да преговара за идентитетските прашања

Никој не преговара за идентитетот, јазикот и другите идентитетски атрибути, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, во однос на разговорите и односите со Бугарија.

„Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот! Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава, и тоа е неприкосновено право посилно од било кое друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара“, подвлече Османи.

Тој истакна дека можеби постоеле такви обиди во минатото кога се пласираа некакви тези за негирање на идентитетот на Македонците како „Еден народ во две држави“, што, вели Османи, преставуваше обид за наметнување на еден единствен поглед на исторската вистина, но преку еден мудар, рационален, аргументиран пристап успеавме да покажеме дека се тоа ретроградни појави, дека не одговараат на современите цивилизациски вредности, и сметам дека во тоа успеавме.

„Денес веќе не разговараме за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави. Тоа нѐ води до сетот политички прашања кој до неодамна беше именуван како пакет 5+1“, рече Османи.

Според него, во последно време почнала да се шири, како што рече, „една блага хистерија дека за вакви чувствителни прашања можни се ад-хок решенија“ и дека некој може сам, преку ноќ, зад завесите, без знаење на граѓаните да донесе било каква одлука или договор на штета на нашите државни позиции поставени од декларацијата на Собранието.

„Сакам да порачам дека државниот тим целосно се води од позициите, државната позиција, дека секое прашање поминува низ неколку филтри – прво се тука експертите и дипломатите во МНР, професионалци кои со овие прашања се занимаваат во дипломатијата независно која било политичка власт во државата. Тоа се истите луѓе со кои работеле и моите претходници, меѓу кои и сегашниот преседател на Комисијава, Антонио Милошоски, кога тој беше министер. Потоа е и Владата, каде одлуките ги носиме заеднички, а секако на крајот и оваа Комисија, Собранието воопшто, и на крајот и граѓаните“, рече Османи.

На крајот, посочи Османи, најчувствителните прашања и не се предмет на политички преговори, туку тие се предмет на разговори меѓу експертите во заедничката комисија за историски и образовни прашања, која, како што рече, е независно тело и во чија работа ниту можат, ниту се обидуваат да се мешаат.

„За нас најважното прашање во тој пакет е токму Имплементацијата на одлуката на европскиот совет од март 2020-та година, преку одржување на првата Меѓувладина конференција. Притоа, нашата клучна позиција е во самата преговарачка рамка македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската Унија без никакви додатни квалификации, како и прашања поставени од Бугарија“, истакна Османи.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Таму, продолжи министерот, се прашањата за принципот на самоопределување согласно уставните уредувања на државите, прашањето на говорот на омраза и рехабилитација на жртвите од комунизмот.

„Нема ништо повеќе ниту помалку во овој пакет на политички прашања, ниту пак нешто спектакуларно со кое треба да ги плашиме граѓаните. Соодветно во фазата во која се наоѓаме во разговорите, тоа е фаза на размена на идеи, нон-пејпери, работни документи, па и обични разговори, ние сѐ уште не сме во можност да ги претставиме овде затоа што тоа не се договорени предлози. Не можете во сред разговори да ги преставувате нецелосните работни документи, затоа што со тоа ги нарушувате разговорите“, подвлече Османи.

Истакна дека во првиот момент кога ќе стигнеме до ситуација да тие работни верзии станат прифатливи за двете страна, пред да се одобрат или стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до оваа Комисија и до пратениците.

„За жал сите овие разговори се случуваа во услови на службена влада во Бугарија и три изборни процеси и локални избори кај нас и избор на нова влада. Преставува навистина политичко олеснување што оваа година двете држави добивме легитимни политички влади и, соодветно, се договоривме за еден нов пристап со кој преку динамизирање на комуникацијата ќе создадеме платформа за враќање на довербата, продлабочување на билатералната соработка но и надминување на политичките разлики. Си дадовме начелна соглсност дека ќе се посветиме повеќе на иднината отколку на минатото, давајќи му со тоа шанса на процесот за градење доверба“, рече Османи.

Тој оцени дека новите влади во двете земји создадоа нова политичка клима, која, како што рече, продуктивно ја искористиле за да вдахнат нова енергија, нова иницијатива во меѓусебните односи. Со последните настани на ова поле, рече министерот, обезбеден е добар почеток.

Османи додаде и дека очекува дека во следните шест месеци ќе испратиме нова слика за односот и соработката меѓу двете земји, која ќе биде препознаена најпрво кај граѓаните на двете држави, но и кај нашите меѓународни пријатели, кои, како што рече, очекуваат од нас храбри одлуки кои доликуваат на две зрели држави.

„Сметам дека добро правиме. Работиме внимателно, трпеливо, но притоа со силен интензитет, без да дозволиме дијалогот да биде ставен на страна а нашите недоразбирања да станат таканаречен замрзнат конфликт кој ќе трае со децении. Оттука и мојот апел на самиот почеток на ова обраќање. Немам дилема дека имаме разлики во начинот или пристапот со кој се справуваме со овој предизвик, но во исто време, немам дилема дека имаме и заеднички позиции изградени токму во ова Собрание преку декларација која е усвоена со консензус“, истакна Османи во излагањето пред членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Тој на крајот апелираше ова да се искористи како наша придобивка и да не се дозволи Комисијата за надворешни работи да стане платформа за дневно политички натпревар.

МИА

- Реклама -