Со видеото во кое ја опишува преговарачката рамка барал начин како да излезе од пропагандниот чадор под којшто се влезени граѓаните, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва во интервју за „Сител“.
Пропагандата против уставните измени, според него, е пуштена на најјако, без аргументи и без никаква суштинска дебата.
Едноставно, оценува, граѓаните се злоупотребуваат на база на емоции, а со цел политичките партии да профитираат. Тоа, додаде, не е чесно.
„Јас се обидувам да излезам од таа врева, од таа галама на пропаганда која што е создадена, да стигнам до граѓаните да им кажам дека не е точно ова што се зборува. Ние зборуваме за најважната тема во којашто излегувам и ги демантирам, ги рушам сите нивни столбови на нивниот наратив. И не излегуваат да ме демантираат. А во однос на содржината, ова беше уште еден пример како јас бев навреден, бев нападнат за сите можни причини, но ништо за содржината, ниту еден не излезе да каже не е така. Ниту еден не излезе да цитира една реченица од преговарачката рамка за да ме демантира“, истакна Османи.
На прашање поврзано со членот 5, Османи посочува дека во општиот дел нема ниту писмен извештај, ниту гласање ќе има во ЕУ за тој процес.
„Значи едноставно констатираа дека Северна Македонија има еден билатерален договор со Бугарија и со Грција, добрососедските односи се важни за прогресот, меѓутоа за тој член 5 нема да има писмен извештај. ЕК нема во ниту еден момент да каже до тука е степенот. Или пак земјите-членки да гласаат или пак Бугарија да каже ‘дајте да видиме до каде е реализацијата и да гласаме по однос на реализацијата’“, рече Османи.
Во однос на примената на членот, тој потенцира дека ЕК „реферира“ а нема „да известува“. Тоа во стручната терминологија во ЕУ е многу важно, бидејќи нема да има писмен извештај, нагласи шефот на дипломатијата.
„Што значи писмен извештај? Ова што го добиваме ние секоја година, во која што точно се квантификува и се квалификува до каде е реализацијата на одредено аки. За членот пет нема да има писмен извештај, нема да има гласање во ЕУ. Ова е клучната порака која што се обидувам да им ја кажам на граѓаните“, рече Османи.
Се разбира, додава тој, добрососедските односи ќе се ценат.
„Ние ако сме во лоши со еден сосед, членка на ЕУ, се разбира тоа е пречка за напредокот. Меѓутоа нема да има точка на дневен ред во ЕУ во којашто ќе биде Договорот со Бугарија, Договорот со Грција, прегледите од член 12, нема да има такво нешто. И тоа е многу важно. Затоа велам дека тоа плашење на граѓаните – дека Договорот ќе биде филтер, односно скалило, како што јас ги нарекувам во видеото – нема да биде дел од скалилата низ кои ние се качуваме за да влеземе во ЕУ“, вели Османи.
Сепак, тој не негира дека Бугарија може да најде алиби да го кочи процесот и да се повика на друго нешто.
„Да каже ‘водата во Вардар не ви е чиста, и јас не ве пуштам’. Меѓутоа, нема да има основ во документите и да каже ‘ајде во ЕУ да разгледаме до каде е имплементацијата на Договорот со Бугарија, до каде е историската комисија’. Нема такво право според преговарачката рамка. И преговарачката рамка во ништо не се разликува од тие преговарачки рамки коишто ги прифаќавме претходно кога немаше никаква дебата. Едноставно разликата е во тавтологија, спомнување на член од истиот Договор“, вели Османи.
Извор: МИА