Забележан е пад на довербата и треба да се работи на тоа таа повторно да се врати, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за за бугарската телевизија БТВ, прашан за отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ во Битола и дали тоа, поради името на клубот и реакциите во јавноста, ги нарушило односите меѓу двете земји.
Османи посочи дека на самиот влез во објектот стои цитат кој е навредлив за македонските граѓани:
„Кога ќе влезете во бугарскиот клуб во Битола, на главниот влез има голема табла со цитат од Ванчо Михајлов, на која пишува: ‘Залудни се напорите на таканаречениот македонски народ да го лаже светот’. Ова е голема навреда за нашите граѓани, ова е голема навреда за луѓето што ги застапувам. Ова кај нас се смета за провокација“, изјави Османи во интервјуто.
Тој рече дека не верува дека бугарските власти биле присутни во Битола поради оваа порака на Михајлов, но посочи и дека доколку клубот не го носел ова име, македонскиот државен врв исто така ќе присуствувал во Битола.
„И јас во мојата изјава кажав дека доколку клубот не го носеше ова име, ние ќе бевме дел од оваа делегација во Битола. Целата наша Влада би била таму бидејќи ја поздравуваме и сакаме да ја поттикнеме бугарската заедница да се организира, сакаме бугарската заедница да се интегрира во институциите, системите и механизмите создадени преку рамковниот договор. Но, мораме да внимаваме на чувствителноста на темите, особено во овој период на доверба. Сакаме да ја вратиме меѓусебната доверба. Секако дека ваквите прашања ќе ни бидат сѐ помалку важни, бидејќи ќе бидеме фокусирани на иднината, на заедничката европска перспектива за граѓаните на двете земји. Но, ова е деликатен период во кој и вие и ние мораме да бидеме внимателни за да ја создадеме нашата заедничка иднина“, рече Османи.
Во однос на спорот со Бугарија, шефот на македонската дипломатија порача дека сега е вистински момент за решавање на отворените прашања меѓу двете земји, бидејќи ако тоа не се случи, спорот во блиска иднина би можел да прерасне во замрзнат конфликт поради тоа што ќе се намали енергијата за негово решавање:
„Мислам дека во иднина ќе има сѐ помалку сила и енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што тоа го правиме сега“, истакна Османи.
Доколку се пропушти оваа шанса, подвлече тој, конструктивната работа на ова прашање ќе продолжи, но македонската влада ќе треба да се занимава и со други прашања во нашата држава.
Извор: МИА