Османи: Мора да држиме баланс меѓу интересите по однос на идентитетските прашања и потребата државата да не се изолира

Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека Првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31 декември, доколку Бугарија дотогаш го тргне ветото, меѓутоа, во спротивно стравува дека спорот може да премине во замрзнат конфликт, а Република Северна Македонија да стане изолирана во европските перспективи. Тоа нагласи тој, не е добро ниту за двете земји, ниту за регионот воопшто.

„Сите се свесни колку е важен 14 декември, но не само 14-ти, бидејќи и до 31 декември може словенечкото претседателство, доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото, дури и на 30 декември словенечкиот министер за надворешни работи може да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, Република Северна Македонија ќе стане изолирана во европските перспективи“, изјави Османи во „Тема на денот“ на Сител.

Смета дека формирањето на новата Влада во Бугарија дава надеж суштински да се разговара меѓу, како што кажа, две стабилни влади.

Османи вели дека постои француска проактивност во изнаоѓање решение на овој спор.

„Се гледа една зголемена проактивност. Во услови кога Германија цел период беше на прва линија за да се деблокира процесот, сега ја имаме и Франција повеќе од било кога“, рече Османи.

Министерот Османи вели дека мора да се внимава на ризикот – изолирање на земјата и влегување во замрзнат конфликт, но и зачувување на суштинските интереси на граѓаните.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Двете прашања се важни и во двете има ризик. Мора да држиме баланс меѓу интересите по однос на идентитетските прашања и потребата државата да не се изолира“, рече Османи.

За прашањето на говорот на омраза кое Бугарија бара да влезе во преговарачката рамка, Османи вели дека им ветиле дека двете држави ќе утврдат институции кои ќе го следат говорот на омраза, како и механизми за брза реакција за да можат да се преземат мерки за тој говор на омраза.

„Доколку некој наш граѓанин крши споменик кој е важен за Бугарија или обратно, да има одредена институција која ќе има надлежност веднаш да реагира“, појасни Османи.

За работата на историската комисија, Бугарија барала поголема предвидливост во нивната работа, односно да не се стопира работата на Комисијата.

„Ние немаме против тоа ништо да има поголема предвидливост. Јас сметам дека треба малку посуштински да го разгледаме пристапот кој го има овој процес“, рече Османи.

Тој додаде дека дека малку е вероајтно оти Комисијата може да постигне договор или да се усогласи по сите прашања. Затоа, како што нагласи, треба да се остави можноста да кохабитираат различни видувања или интерпретации по однос на одредени случувања, личности, настани и историски периоди.

Извор: МИА

- Реклама -