Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија, изјави шефот на дипломатијата – Бујар Османи, прашан за повлекувањето на професорот Ванчо Ѓорѓиев, кој обвини, меѓу другото, за директно политичко мешање во работата на комисијата од страна на „висок функционер на МНР“.
„Министерството за надворешни работи е координатор, односно го води овој процес на разговори со Република Бугарија и е надлежна институција за имплементација на Договорот од 2017 година. Во однос конкретно на работата на Историско-образовната комисија, МНР логистички ја поддржува Комисијата и затоа состанокот се одржува овде во Министерството, ресурсите ги обезбедува Министерството, Комисијата има договор потпишано со Министерството и оттука е односот на Министерството кон работата на Комисијата. Но, никогаш во однос на содржината, делокругот на работата на самата Комисија“, тврди Османи.
„Се надевам дека денеска ќе има прогрес. Членовите на Комисијата, се разбира, имаат прво и да се повлечат или да останат. И порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува. Јас ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето и на заедничките текстови за заедничко одбележување, меѓутоа и за препораките за учебниците. Колку што знам, вчера тема била Самоил чиј текст веќе е договорен од пред една година, меѓутоа прашањето било како тој текст и дали треба тој текст да се препорача како насока за учебниците. Така што се разговараше за прашање кое што веќе е апсолвирано уште минатата година. По однос на заедничкиот наратив немаше ништо ново како тема за да може да има потреба од каков било политички притисок или, пак, за да има причина за политизирање на Комисијата во рамки на сегашниот предизборен контекст“, рече Османи.
Во однос на тоа дали Комисијата продолжува и денеска со работа, Османи одговори потврдно, бидејќи состанокот е во тек.
„Јас немам информации што се случува во моментот таму. Меѓутоа, сакам да кажам дека Комисијата треба да продолжи со работа независно дали еден член се повлекува или не. Затоа Комисијата има седум члена, порано имало исто така повлекување, имаше и смена на еден член ако се сеќавате пред неколку месеци од моја страна. Тоа е процес во којшто Владата одлучува кои ќе бидат членови. Јас ќе видам кое е образложението на членот, ќе видам кое е образложението на претставниците на Министерството коишто биле таму. За мене е многу важно овој процес да продолжи и да има конкретни резултати во нивната работа“, дециден беше Османи.
Тој истакна дека многу повеќе го вознемирува тоа што вчера немало ништо договорено во комисијата, отколку тоа што еден член се повлекол.
„Најважното е дека немало прогрес и немало договор за ниту една препорака вчера во однос на учебниците. Нема прогрес ниту денеска. На неколку состаноци пред вас изразив вознемиреност, по однос на текот на работењето на Комисијата од двете страни. Меѓутоа, ние немаме други инструменти за имплементација на Договорот освен продолжување на работата на Комисијата“, посочи Османи.
Сепак додаде дека подетално ќе го разгледаат последниот случај, бидејќи се случил непосредно пред прес-конференцијата и затоа што тој, како министер, ги нема сите информации.
Османи повтори дека МНР ниту се мешало, ниту ќе дозволи да се меша во содржината и во одлуките што ги носат историчарите.
„Но, дека ќе поттикнам динамика, дека сум разочаран дека не прифатија да ја одржат средбата со физичко присуство, туку со онлајн – да, сум разочаран и јас планирам да преземам мерки во овој дел. И никогаш нема да дозволам ниту јас, ниту било кој од Министерството, да се меша во содржината, во насоката од стручните професионални насоки што ги имаат историчарите. Но, дека ќе реагирам секогаш кога ќе видам опортунизам, секогаш кога ќе видам немање ентузијазам да се продолжи овој процес, тука ќе реагирам затоа што сметам дека имаме одговорност пред граѓаните“, подвлече Османи на прес-конференцијата по средбата со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
Извор: МИА