Османи: Има документ со Бугарија кој сме спремни да го прифатиме, но нема предуслови да кажеме дека имаме договор

„Во моментот кога ќе имаме согласност по однос на било кој документ, дека може да биде основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис на тој документ ќе дојдеме ќе ги информираме пратениците и јавноста“, изјави денеска на прес-конференција во Скопје министерот за надворешни работи – Бујар Османи.

Османи нагласи дека сѐ уште не може да каже дека има договор меѓу двете страни по однос на постоечки документ кој би требал да биде сеопфатно решение за сите разлики со Република Бугарија.

„Да, има еден таков документ којшто ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сѐ додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, истакна Османи, одговарајќи на новинарски прашања за можен договор со Бугарија.

Прашан дали кочницата за решение се коалиционите партнери на бугарскиот премиер Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира внатрешните динамики во Република Бугарија.

„Знам дека тие планираат решението да го поминат и во Собрание. За да се помине во Собрание се разбира дека сите коалициони партнери треба да го поддржат тоа решение. Ако тоа значи нешто, но не мислам дека е во ред јас да ги коментирам односите во Бугарија. Се надевам дека во ова време е потребно стратешко лидерство. Време е за стратешки одлуки во ЕУ, во регионот“, изјави Османи.

За тоа дали има поместување во политичкиот дел и политичките разлики, рече дека со министерката комуницира на дневна основа, додека премиерот Ковачевски со бугарскиот премиер.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

„Ќе ја повторам оценката, има постигнато напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. По однос како, што и кога, но не можам да кажам дека за еден документ има согласност целосна од бугарската влада за да можам јас да ги информирам пратениците веднаш, да го споделам документот и да ја информирам јавноста. Не можеме ниту да разговараме поединечно со секој чинител во Бугарија ниту пак да ги коментираме различните ставови“, рече Османи.

Прашан за реакцијата на бугарската министерка Генчовска, шефот на дипломатијата кажа дека навистина не сака да ги коментира внатрешните политички разлики во Бугарија.

„Ние комуницираме со бугарската Влада и не сме прифатиле никогаш да имаме паралелни преговори со различните чинители во Република Бугарија, па и доколку се институционални чинители, не само политички чинители. Ние разговараме со бугарската Влада и навистина останува на неа дали ќе може да постигне едногласност по било кое решение“, изјави Османи.

Тој посочи дека, од искуството со Преспа, овие прашања бараат лидерство и бараат одлучност по однос на иднината.

„Доколку покажете било какво двоумење во вашето убедување дека ова е правиот пат по кој што треба да се одвива ова прашање, мислам дека тие што не сакаат да се најде решение тоа ќе ги охрабри. Така што, двете влади во нашите општество ќе наидеме на отпор, на критики. Било кое решение да го ставиме на маса ќе има незадоволни“, изјави Османи.

Извор: МИА

- Реклама -