„Пред да постои Договорот за добрососедство, немавме пробив ниту во надминување на разликите во однос на историските прашања, ниту некој посуштествен пробив во политичката и економската соработка помеѓу државите. Договорот беше таа пресвртна точка, којашто имаше и дополнително значење бидејќи беше еден од ретките договори којшто го постигнавме на билатерална основа, без меѓународно посредство, туку врз основа на добрата волја, довербата и на желбата на двете држави дека треба да работиме заедно, дека сме пријатели и дека треба да ја гледаме иднината заедно“, истакна Бујар Османи на заедничката прес-конференција со бугарската колешка Екатерина Захариева, при неговата посета на Бугарија, прашан за „омpaзата“ со која македонската јавност, институциите и медиуми зборуваат за Бугарија.
Османи оцени дека овие три години по Договорот за добрососедство веќе ги даваат првите резултати, како во делот на „осветлување на одредени историски разлики“, така и во порастот и бустот во трговската размена и политичките односи.
„Тоа е тој амбиент што треба Договорот и ние политичарите да го создадеме. Да, јас реков јавно, можеби и за првпат, дека постои одреден латентен отпор којшто е рецидив на едно време кога посебноста се градеше на некој анти-сентимент. Но ние мора да ставиме крај на тие односи, на тие рецидиви. Имаме договор којшто ја дефинира рамката. Имаме волја за пријателство помеѓу двете држави, за меѓусебна поддршка. Бугарија има обврска од членот 2 да ја поддржи евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. Ние имаме обврска да дадеме резултати и да ги осветлиме сите дилеми коишто, реков, иако сега го гледаме тоа како хендикеп, за брзо ќе видиме дека тоа е додадена вредност во нашите односи. И кога тоа ние ќе го подготвиме, тогаш сите сфери и алки во општеството ќе се прилагодат на тој амбиент што ние ќе го создадеме“, истакна Османи.
Во однос на новинарското прашање за „жртвите од 1945 година кои биле побројни и од оние во Сребреница“, Османи истакна дека смета дека тоа е прашање што треба научно да се дебатира.
„Доколку има податоци за такво нешто, политиката и општествата треба да се соочат со сите случувања во минатото од било која страна – и работите што ние ги сметаме дека се спорни во некои одредени периоди, и работите што пријателите од Бугарија ги сметаат за спорни. Науката треба да ги обзнани фактите. Ако треба ќе се соочиме со тие историски случувања. Ова е момент во којшто сакаме да создадеме клима дека нема веќе ставање работи под тепих. Ќе разговараме отворено, колку и да е некогаш болно, колку и да е некогаш непопуларно. Работиме за иднината на генерациите“, рече Османи.