Оскар за Челзи

Бразилскиот репрезентативец Оскар е третото големо засилување за Челзи во овој преоден рок, откако актуелниот европски првак успешно ги финализираше преговорите со Интернационал за сума од 25 милиони фунти.

По ангажманот на Марко Марин и на Еден Азар, челниците на Челзи јасно ставија до знаење дека немаат намера да запрат со купување на квалитетни фудбалери, успевајќи да ја добијат и трката по Оскар, за кого се интересираа и челниците на Тотенхем.

Андре Вилјаш-Боаш беше убеден дека понудата од 18 милиони фунти ќе биде доволна за да се доведе овој фудбалер на „Вајт Харт Лејн“, но во последен момент во трката се вклучи и Челзи, успевајќи да постигне целосен договор со челниците на Интернационал.

Според англискиот весник „Дејли Мејл“, станува збор за сума од 20 милиони фунти што ќе се платат при потпишувањето на договорот и уште дополнителни пет милиони фунти преку најразлични клаузули во зависност од игрите што Оскар ќе ги прикажува за својот нов клуб.

Оскар го привлече вниманието врз себе со извонредните настапи на ланскиот мундијал за играчи до 20 години, кога со хет-трик во големото финале му ја донесе на Бразил титулата во пресметката со Португалија (3-2). Веднаш потоа тој доби повик и за настап во сениорската репрезентација, а Оскар ќе биде дел и од олимпискиот состав на „Кариоките“ на ОИ во Лондон.

Токму поради ова, неговото приклучување на тимот на Челзи ќе биде нешто подоцна од желбите на менаџерот Роберто ди Матео, кој ќе може да смета на услугите на овој фудбалер дури кон крајот на август.

- Реклама -