Осаменост – болеста на ерата на друштвени медии

Човекот е zoon politikon, т.е. социјално суштество, и осаменоста може да го полуди. А сепак, модерниот свет ја става на пиедестал индивидуалноста. Таа пак, се мери преку лични успеси, како кариера, богатство, карактерна тврдоглавост и конзумеризам. Па така, како резултат на бркањето на идеали за само-актуелизација, многу од луѓето ја губат социјалната и семејната поврзаност. Како што социјалната блискост слабее сé повеќе и повеќе, не е чудно што сé повеќе луѓе признаваат дека се осамени, а осаменоста станува најчестата мака на модерниот свет. Па се свртевме кон онлајн друштвените мрежи.

Во свет во кој времето е пари, и постојано си под притисок да постигнеш повеќе и повеќе, нашиот друштвен живот станува сé позаплеткан и покомплициран, во смисла на позахтевен (во отсуство на наш соодветен израз). Тоа е проблем. Имено, мајмуните од одредени видови кои важат за такви со изразен друштвен живот, обично се групираат во помали групи од неколку десетици членови. Бројот на членови во нивните групи е ограничен, и варира од 20 до 50. За да можат добро да функционираат, мора добро да се познаваат меѓусебно. Меѓутоа, експериментите и сознанијата што ги имаме покажуваат дека штом бројот на членови ќе надмине одредена точка на прекршување (threshold), друштвениот поредок се распаѓа и групата има тенденција да се подели во две помали.

Слично е и кај луѓето, со тоа што нашиот интелект и способноста за говор ни овозможува да формираме поголеми групи. Социолошките истражувања покажуваат дека максималната природна точка на прекршување кај луѓето, т.е. максималниот природен број на членови во групата – е околу 150. Повеќето луѓе се буквално неспособни за интимно познавање на повеќе од 150 луѓе. Дури и денес, разните форми на човечки организации во просек се движат околку бројката од 150.

И така, од една страна го имаме комплицираниот социјален живот кој произлегува од брзото темпо на живот и бркање на лични успеси, а од друга – технологијата, која е секогаш поедноставниот избор, која е секогаш „нова“, секогаш „ин“ и секогаш „млада“, но и секогаш „оптимистична“. Технологијата, маскирана во ликот на друштвените мрежи, всушност претставува импресивна платформа за полесно и најефективно менаџирање на нашите друштвени животи. Барем така мислиме, и со таа мисла ја користиме.

Меѓутоа, нашите илузии дека постојат „замени“, почнуваат да ја наплаќаат цената. Собираме пријатели како поштенски марки, не правиме разлика меѓу (нивниот) квантитет и квалитет, и го сведуваме длабокото значење на интимноста и пријателството – на споделување и разменување на слики и chat муабети. Притоа, го трампаме вистинскиот разговор за обична и површна конекција со другата личност. И така се формира парадоксална ситуација, во која тврдиме дека имаме многу пријатели, а всушност сме осамени.

Зошто така лесно го „шитнавме“ вистинскиот разговор? За почеток, вистинскиот разговор подразбира локација и време, и имаш само делумна контрола врз тоа што ќе го кажеш. Текстуалните пораки, електронската пошта, постирањето – од друга страна, ни овозможуваат да се претставиме во светлото во кое сакаме да се претставиме. Ни дава опција за „едит“ т.е. опција да бришеме (делови од нас што не ни се допаѓаат или мислиме дека нема да му се допаднат на другиот). Овие избришани делови оневозможуваат искрено пријателство, бидејќи никој не може да ти ги прифати маните, за почеток, бидејќи не ги ни откриваш. Од друга страна, и самите почнуваме да веруваме во рафинираната слика за себе која им ја презентираме на другите, па со тоа и престануваме да работиме на спорните аспекти од нашата личност.

И така, стануваме сé позависни од лајковите и follow-ерите што ни ги носи бескрајната и бесрамна самопромоција, па посветуваме часови и часови на конструкција на нашите онлајн профили, на идеалниот избор на зборови во нашиот следен статус/твит/порака, на избирање на сликите на кои изгледаме најдобро… сé за да ја зачуваме посакуваната слика за самите себе. Притоа, сé повеќе очекувања имаме од технологијата, а сé помалку – од луѓето.

Но друштвените мрежи не го променуваат само тоа што го правиме, туку и кои всушност сме. Тоа е така зашто технологијата ни е најпривлечна во моменти кога сме најранливи. А сме ранливи. Осамени сме, а исплашени од интимност. Спротивно на тоа, технологијата ни нуди гаранции: 1) дека можеме да го насочиме вниманието каде и да сакаме, 2) дека секогаш ќе бидеме слушнати, и 3) дека никогаш нема да мораме да бидеме сами.

А ова третото, дека никогаш нема да мораме да бидеме сами, е токму клучниот аспект што реално ни ја менува психата. Практично создава нов начин на постоење, ново суштество. Може да се сумира во „Споделувам, значи постојам“. Ја користиме технологијата за да се самодефинираме преку споделување на нашите мисли и чувства, дури и во самиот момент додека ги имаме. Уште пострашно: кога ги немаме, лажираме и измислуваме искуства за да имаме што да споделиме, бидејќи само така се чувствуваме живи.

И така, постепено тонеме во бездната на илузијата дека тоа што сме секогаш поврзани ќе направи да се чувствуваме помалку сами. А вистината е обратното. Ако не знаеме да сме сами, ќе знаеме само да сме осамени.

Видеото

- Реклама -