Општоприфатено е мислењето дека органскиот зеленчук е поздрав отколку зеленчукот растен на вообичаен начин. Но според една нова студија, одредени зеленчуци одгледувани на конвенционален начин (со ѓубриво и пестициди) содржат ниво на антиоксиданти кое е слично како кај нивните органски копии.
Научниците од Данскиот национален институт за исхрана го анализираа антиоксидантот наречен полифенол во кромидот, морковите и компирите одгледувани органски, и во одредени зеленчуци одгледувани на вообичаен начин. Тие не пронајдоа никакви разлики во нивото на полифенол.
Данските истражувачи велат: „Врз основа на оваа студија спроведена во добро контролирани услови, не може да се заклучи дека органски одгледуваниот кромид, морков и компир содржи повеќе состојки кои се добри за здравјето во споредба со конвенционално одгледуваните“.
Ова откритие може да биде голем удар бидејќи побарувачката за органски одгледувана храна досега растеше поради наводните здравствени придобивки. А органската храна е поскапа од конвенционално одгледуваната. Се смета дека органската храна има подобар состав и подобар вкус поради што таа стана доста популарна во последниве неколку години.
Научниците одгледуваа кромид, морков и компир на три различни места за време од две години. На две места (ниви) зеленчукот беше одгледуван органски а на едно – конвенционално. Кај кромидот и морковите, при анализата на полифенолите, не беше откриена никаква разлика во системите на растење. Па така, полифенолите што ги има во органската храна и се тврди дека помагаат во борбата против деменција, срцеви заболувања и рак, всушност можат да се најдат и во зеленчукот одгледуван со ѓубриво и пестициди.
Објавено во соработка со За Здравје.