Орбан со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ: Изгласајте влада на која ќе можеме да ѝ помогнеме побрзо да влезете во ЕУ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, преку видео обраќање, од Будимпешта испрати поздрав и отворена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори.

Орбан порача дека не им е сеедно каков ќе биде исходот од изборите и дека македонскиот и унгарскиот народ се „судбински поврзани“:

„Ние со Вас судбински сме поврзани. И покрај тоа што ние сме веќе внатре во ЕУ, а вие сѐ уште надвор од неа, историите на унгарскиот и македонскиот народ во минатото често пати беа поврзани.

Можеме многу да помагаме едни на други. Ние на Вас, но и Вие на нас. Од таа причина не е сеедно на претстојните избори во Македонија каков резултат ќе постигнат нашите пријатели.

Не сакам да порекнам дека изборот е на македонскиот народ – Вие ќе избирате, вие можете за себе да одберете влада која ќе ви дава повеќе од досегашната влада на власт. Сепак, ние тука во Унгарија навиваме за нашиот пријател Мицкоски и би сакале како победник да го видиме ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во борбата против миграција заедно со нив изградивме таква соработка базирана на национална гордост, а со цел на одбрана на нашите семејства и слободата, која ни влева доверба по прашањето на иднината“, порача Орбан.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Тој изрази увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има добар резултат на изборите и ќе ја добие поддршката од граѓаните:

„Веруваме дека (ВМРО-ДПМНЕ) ќе имаат добар настап и се надеваме дека вие ќе ги поддржите и Македонија ќе добие влада со која во годините што ни претстојат ние Унгарците добро ќе соработуваме и заедно ќе градиме поубава иднина и на која влада ќе можеме, ќе можам и јас лично, да пружиме помош со цел што побргу да станете земја членка на Европската Унија“, вели Орбан во обраќањето.

- Реклама -