Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги спореди институциите на Европската унија со советските трупи кои ја нападнаа Унгарија за време на револуцијата во 1956 година.
Обраќајќи им се на поддржувачите по повод 66-годишнината од почетокот на унгарската револуција, Орбан сугерираше дека „ЕУ ќе заврши како Советскиот Сојуз“.
„Да не се занимаваме со оние кои пукаат во Унгарија од сенка или од височините на Брисел. Тие ќе завршат таму каде што завршија нивните претходници“, рече Орбан.
„Ние бевме овде кога првата освојувачка империја нѐ нападна, и ќе бидеме овде кога последната ќе се распадне. Ќе го трпиме тоа додека мораме, и ќе возвратиме кога ќе можеме. Ги извлекуваме мечовите кога има прилика, и опстојуваме кога доаѓаат долги години на опресија“, рече Орбан.
Инаку, со својот говор од Залаегершег, тој ја прекина традицијата да држи говор во Будимпешта по повод годишнината. Неговото отсуство од главниот град на еден од најважните национални празници во Унгарија се случува додека неговата влада е под зголемен притисок поради тековниот бран протести на унгарските наставници и студенти.
Говорот следува по неговата најава дека ќе одржи референдум за европските санкции против Москва, кои Орбан продолжува да ги критикува. Во Будимпешта и низ целата земја, на пример, се поставени плакати со порака: „Санкциите од Брисел нѐ уништуваат“.
„Војна пред нашата врата, финансиската криза и забавувањето на економијата во ЕУ, инвазијата на мигрантите од југ… мораме да се соочиме со многу проблеми“, рече унгарскиот премиер, уверувајќи дека неговата влада е „силна и обединета“ и ќе го надмине тој тест.
Од почетокот на војната во Украина, Унгарија се обидува да ги зачува добрите односи со Кремљ за да продолжи да добива нафта и гас. Таа не сака воено да ѝ помогне на Украина и ја критикува стратегијата на Брисел.
ЕУ, пак, сака да го запре демократското назадување во земјата, која поради нејзиното демократско досие се соочува со заканата од кратење на ЕУ фондовите – поради загриженоста за владеењето на правото, ЕУ членките размислуваат за суспендирање на 7.5 милијарди евра за Унгарија. Порано месецов, владите на неколку ЕУ членки побараа Европската комисија да спроведе „темелна и ажурирана анализа на ризиците“ од ситуацијата во земјата. Владата во Будимпешта пак, предложи реформи за кои се надева дека ќе ги адресираат грижите на ЕУ. Унијата има краен рок до средината на декември да одлучи дали ќе воведе финансиски санкции за Унгарија.