Оптимизмот го продолжува животот?

Верувањето дека оптимизмот може да го продолжи животот, или барем да го забави канцерот, добива на популарност по објавувањетоа на студија во медицинскиот журнал Lancet, во 1979-тата година. Студијата следела 70-тина пациенти заболени од рак на дојка, во период од 5 години. Истражувачите дошле до заклучок дека оние што одговориле на ситуацијата со „борбен дух“ поминале подобро (подолг живот, помалку знаци на канцер во ткивото) од оние со чувство на беспомошност и безнадежност. Студиите што следеле навидум го потврдиле истото, а бенефитите од оптимизмот преминале во медицинска доктрина.

По малку песимистички, неодамнешните мета-анализи и ревизии на неколку од горенаведените студии, укажуваат на непостоењето на солиден доказ дека оптимизмот навистина го продолжува животот на пациентите со канцер. Ниту позитивните емоции како „боречкиот дух“, ниту отсуството на безнадежност и беспомошност, не се доверлив индикатор за подобри крајни резултати. „Секогаш ќе има нови тврдења, а ако луѓето бараат асоцијации, ќе ги најдат.“, вели Џејмс Којн, директор на програмата за бихејвиорална онкологија при Универзитетот во Пенсилванија. Објаснувањето на Којн за резултатите од постарите студии е: „Ако си здрав и живееш во услови што те прават здрав, веројатно ќе бидеш посреќен“.

Прочитајте и:  Шест фактори на ризик за преддијабетес

И покрај недостигот од поткрепувачки податоци, верувањето во моќта на позитивното мислење е толку распространето што наместо да помогне, може дури и да предизвика штета. Пациентите со канцер може да се чувствуваат обврзани да делуваат позитивно дури и кога се потиштени, да го кријат очајот наместо да побараат утеха и третман, или пак да ја преземат вината врз себе, ако болеста прогресира. Всушност, ваквиот притисок може и да ги искомплицира идните истражувања во однос на позитивното мислење, бидејќи е тешко да се знае дали пациентот навистина поседува „боречки дух“ или пак само се преправа зашто знае дека така би требало да се однесува.

- Реклама -