Тетово, 9 декември 2021 (МИА) – Секторот за инспекциски надзор при Општина Тетово преку соопштение информираше дека нивни инспектори при увид на терен се соочиле со проблеми на терен, а воедно бараат поголема внимателност од граѓаните при одредени активности. Од градежен инспекторат ги молат граѓаните да ги стопираат сите градби кои се изведуваат без соодветни дозволи.
„Да ги започнат постапките за добивање и обработка на градежни дозволи, бидејќи во спротивно ќе бидат санкционирани врз основа на закон. Трошоците за санкциите се многу повисоки од трошоците за добивање градежна дозвола“, се вели во соопштението на општинскиот инспекторат.
Инспекторат за општински дејности при увид наидуваат на проблеми со узурпација на јавните површини.
„Поради оваа причина, апелираме до сите правни субјекти и улични продавачи да се воздржат од узурпација на јавните површини бидејќи на овој начин го попречуваат слободното движење на граѓаните. За такво нешто со посебен акцент треба да се има предвид во текот на зимската сезона, кога движењето на граѓаните веќе се одвива во тешки услови“, велат од Општина Тетово.
Од Инспекторатот за животна средина апелираат до граѓаните да не користат горива за затоплување на своите станбени и деловни објекти кои се познати како големи загадувачи на животната средина, како што е дизелот, автомобилското масло, јаглен и слично. Според нив непочитувањето на овие препораки ќе резултира со парични казни предвидени со закон.
Инспекторатот воедно бара сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, како и да не ги паркираат автомобилите во близина на контејнерите, бидејќи на овој начин ја отежнуваат работата на ЈКП Тетово за собирање отпад.
МИА