ОПМ: Прехранбените компании да ги вратат субвенциите за струја и средствата да се вложат во „зелена енергија“ и помали сметки за граѓаните

Владата да им ги земе субвенциите за електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија и тие средства да ги вложи во „зелена енергија“, граѓаните да имаат помали сметки за струја, бара Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

Како што рече денеска претседателката на ОПМ, Маријана Лончар, парите најпрво треба да се вратат во државниот Буџет, од каде што се земени.

До ОПМ, истакна Лончар, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на кампањата за колективно купување инвертери, се уште нема конкретни поплаки од потрошувачи за високите цени на храната. Се уште доминираат жалбите во однос на грамажата, пакувањата, една цена на рафт друга на каса,…

Според ОПМ, најсоодветна мерка за цените на прехранбените производи во моментов, е нивно замрзнување.

-Владата навистина треба да размисли за да се заштитат граѓаните, треба да направи нешто посериозно. Јас лично се изненадив кога рекоа дека ќе престанат да им даваат субвенции на компаниите. Не треба да престанат, треба да побараат да им ги вратат парите за субвенционираната струја и ние тоа го бараме. Да побараат, тие пари што ги дале, да им се вратат назад, како што даваа субвенции за фирмите па не завршија кај работниците. Со тие средства може да субвенционираат да имаме „зелена енергија“, нека субвенционираат за луѓето да имаат помали сметки за струја. Ако сте се прашале колку субвенции даваат за тоа, ништо – „прв дојден, прв услужен“, значи нема енергетска ефикасност тука, а треба да се гледа и квалитетот на производот, рече Лончар.

Земјите кои сакаат да бидат членки на ЕУ треба да докажат дека се борат за „зелената енергија“, за помалку јаглерод диоксид и пониски емисии на гасови.

-Сметам дека средствата што им беа дадени на компаниите за субвенционирана струја треба на друг начин да им се вратат на граѓаните, зашто од наши пари ние, со ДДВ-то купуваме производи. Ние, потрошувачите, ги финансираме сите активности во рамки на Буџетот и треба да сме погласни, подвлече Лончар.

Според неа, компаниите секогаш ќе наоѓаат причина за цените на производите зашто не сакаат да се лишат од дел од профитот што го остваруваат преку продажбата секојпат ќе велат дека им е малку.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

-Ние, како потрошувачи, мора да се бориме и повторно да бараме, на пример, замрзнување на цените, на што коморите веднша ќе „рипнат“ зашто со маржите не успеавме да видовме ништо. Сепак, мерките ние не ги носиме, немаме таква моќ, но можеме да влијаеме. Колку што го слушмнав министерот за економија, рече дека не само што ќе ги прекине субвенциите, туку и ќе ги ограничи, замрзне цените. Но, тоа не е популарна мерка зашто компаниите ќе почнат да ги симнуваат производите од рафтови, да ги кријат, па ќе излезе дека нам ни е целта да ги казнуваат, а не ни е тоа целта. Сакаме добра соработка со фирмите и секогаш апелираме да бидат внимателни со цените.

Таа укажа дека и еден од начините за зголемување на цената е она што се случува со грамажата.

-Индиректно, и тоа исто така ја зголемува цената, а никој не го гледа. Оосбено се карактеристични во овој сегмент пакуваните производи, рече Лончар.

Таа ја оцени како не баш популарна кампањата што ја презема грчката Организација на потрошувачи која една недела ги организираше граѓаните да не купуваат млеко.

-Тоа е практично бојкот од страна на потрошувачите. Но, што ќе се направи со тоа? Да покажеме колкав ни е револтот? Сепак, треба да се земе предвид дека има деца, повозрасни, лица врзани за тој производ како еден од основните прехранбени. Подобро да се лимитира цената ако оди нагоре, подвлече Лончар и посочи дека особено се зголемени цените на средствата за хигиена, на детската храна, пелените, млеката забебиња, а потрошувачите се наоѓаат во многу тешка, речиси безизлезна ситуација, дополнително оптоварена со неизвесност.

Лончар не очекува натамошно енормно зголемување на цените на прехранбените производи, но, како што рече, и евентуално мало покачување ќе значи „енормно“.

МИА

- Реклама -