Нагласеното опаѓање на косата најчесто е последица на генетиката, но и користењето јаки шампони, честото миење, како и стресното секојдневие може да влијаат на тој процес. Затоа треба многу да се потрудите ако сакате да го подобрите или успешно да го сочувате квалитетот на вашите влакна.
Метаболизмот на косата е брз, сложен и подложен на влијанијата на околината, па со самото тоа природно е косата со текот на времето да ги губи бојата и квалитетот, а со тоа и да се наруши целокупниот изглед.
Нежни шампони
Должината на животниот циклус на влакната варира од две до пет години, а физиолошкото опаѓање на косата е последица на нејзиното стареење и обновување. Затоа обратете големо внимание на козметичките производи што ќе ги користите. Ако сте навикнале да ја миете косата секојдневно, тогаш користете нежни шампони. Советувајте се со дерматолог ако сакате да купите некој производ наменет за спречување на опаѓањето. Пожелно е и еднаш неделно да нанесете маслиново масло на косата.
Храната влијае
Правилната исхрана дефинитивно може да го намали опаѓањето на косата и да го подобри квалитетот на влакната. Затоа неопходно е вашето секојдневно мени да содржи спанаќ, суво овошје, жолчки, морски плодови, месо, риба, интегрален леб, пиперки, печурки и маслинки. Исто така, морковите, кајсиите, доматите, рибиното масло, квасецот, зелката и овошјето може да го подобрат квалитетот на вашата коса во поголема мера од сите останати козметички средства.
Миење
Откако ќе ја измиете косата со обичен шампон, направете мала купка на вашата глава со чај од камилица. Во еден литар зовриена вода додајте четири лажички сушена камилица и процедете ја по десетина минути. Откако течноста ќе се олади, нанесете ја на косата. На истиот принцип се подготвува и купката со чај од коприва, со единствената разлика што се користи и чај од коренот, а не само од листовите.