Париз е далеку, а и под закана на терористички напади. Затоа, ако сакате да ја видите Ајфеловата кула, трк во Косово (во селото Јањево во општина Липљан).
Сместена е на брегот на вештачкото езеро Анија и осветлена е „исто како оригиналната кула“, (што може да е проблем, бидејќи осветлувањето на вистинската Ајфелова кула е заштитено авторско дело). Изградбата ја почнал Беким Бислими, кој пред да почине му оставил во аманет на синот Блерим да ја доврши.
Висока е 33 метри и 10 пати помала од оригиналот. Блерим вели дека привлекува многу туристи. Најчести, имено, се младите парови, кои таму ја овековечуваат својата љубов и за момент си фантазираат дека се во Париз.
„Се потрудивме да биде комплетна имитација и ја осветливме. Малку имавме проблем со скалите, бидејќи се намалени димензиите. Сакавме посетителите да можат да се качат до врвот, но заклучивме дека постои опасност за луѓето, па затоа овозможивме да се користи само првиот кат“, објаснува Бислими помладиот.
https://youtu.be/Q42i4JtR-qM
Целата работа почнала наивно и без многу амбиција, со овоштарник. По овоштарникот, татко му решил да изгради брод-ресторан, по теркот на старите пиратски бродови. По бродот, решил „нека има и Ајфелова кула“. Синот вели дека таа симболизира љубов и романтика, па затоа и многу млади парови имаат желба да се фотографираат покрај истата.