Речиси 100 камиони со храна наменети за Палестинците беа ограбени на 16 ноември откако тие влегоа во Газа, што е една од најголемите загуби на хуманитарна помош за време на 13 месеци војна во енклавата погодена од глад, соопштија две агенции на Обединетите нации. Ограбени се 98 од вкупно 109 камиони со храна обезбедена од агенциите на ОН. УНРВА и Светската програма за храна.
– Дел од персоналот што доставува хуманитарна помош се повредени за време на инцидентот, рече Луиз Вотериџ од УНРВА, без да каже кој ја извршил заседата.
Портпаролот на Светската програма за храна ја потврди кражбата и додаде дека многу патишта во Газа моментално се непроодни од безбедносни причини.
Израелски функционер рече дека неговата земја се обидува да ја ублажи хуманитарната криза од почетокот на војната, додавајќи дека главните проблеми со испораката на помош се предизвиците за дистрибуција со кои се соочуваат ОН.
Официјален претставник на ОН во петокот рече дека пристапот до помош до Газа е на ниско ниво и пристапот до опколениот север е речиси невозможен.