Завршија Олимписките игри

Долго време Лондон чекаше да се докаже пред светската јавност како беспрекорен организатор на спортски спектакл како што се Олимписките игри.

Тоа се случи, но исто така и помина многу брзо. За петнаесетина дена на спортските борилишта проследивме пријатни и непријатни изненадувања, радости на Фелпс, Мареј, Болт, светски пливачки и атлетски рекорди, продолжена американска доминација во кошарката, чудесен руски пресврт во одбојката, прво олимписко злато за хрватското ватерполо…

Роџер Федерер остана без можеби единствениот медал што му недостигаше во кариерата (олимписки златен, ама во сингл), Бразил ќе чека уште најмалку четири години за да стане олимписки шампион во фудбал, додека Шпанците ќе се прашуваат дали некогаш ќе успеат да го совладаат американскиот „тим од соништата“ во кошарка.

Со медали на овие Олимписки Игри се закитија спортисти од 85 различни земји, дел од нив од Таџикистан, Боцвана, Габон, Гватемала, Молдавија…

Игрите беа затворени со спектакуларен музички хепенинг во којшто учествуваа огромен број на суперѕвезди, кои што придонесоа атмосферата да биде на потребното ниво, а олимпискиот дух полека да почне да ја напушта британската престолнина и да се упати кон Рио де Жанеиро, следниот дом на олимпизмот каде што ќе се одржат Игрите во 2016 година.

- Реклама -