Мексико и на Бразил ќе ги одмерат силите во големото финале од фудбалскиот турнир на Олимписките игри, откако овие две репрезентации излегоа како победници од синоќешните полуфинални пресметки со Јапонија, односно Јужна Кореја.
Мексиканците рано примија гол на дуелот со Јапонија, но тоа како да ги разбуди, заиграа одлично во преостанатиот дел од мечот и на крајот заслужено славеа со 3:1. Фабијан, Пералта и Кортес беа стрелци на головите за мексиканската селекција, којашто главниот предизвик ќе го има во финалето со големиот фаворит Бразил.
Нејмар не постигна ниту еден погодок, но „Кариоките“ сепак рутински си ја одработија задачата во полуфиналето со Јужна Кореја, забележувајќи убедлива победа од 3:0. Ромулу го отвори резултатот во финишот од првото полувреме по слабата интервенција на корејскиот голман, а во вториот дел на сцена стапи Дамиао, кој со два погодоци ги разреши сите дилеми околу патникот во финалето.