ОКТА ги објави финансиските резултати за вториот квартал/првата половина од 2023 година

Силна прилагодена ЕБИТДА поради зголемени маржи во споредба со претходната година; остварена профитабилност со влијание на загубите од вреднување на залихи – отпочнат прв голем проект за инсталирање на фотоволтаици

ОКТА ги објави финансиските резултати за вториот квартал од 2023 година со прилагодена ЕБИТДА од 236 милиони денари, што претставува зголемување од 29% во споредба со вториот квартал од 2022година, и нето приходи од 5 милиони денари.

Обемот на продажба достигна 290 илјади м³, останувајќи главно непроменет во однос на вториот квартал од 2022 година. Приходите од продажба изнесуваа 10.347 милиони денари, намалени за 37% во споредба со истиот период минатата година, како последица од падот на меѓународните цени на горивата. Зголемувањето на прилагодената ЕБИТДА главно ја одразува солидната побарувачка за горива на домашниот и извозниот пазар, како и зголемените маржи.

Остварените нето приходи во вториот квартал од 2023 година достигнаа 5 милиони денари, како резултат на  влијанието од падот на меѓународните цени на горивата, што доведе до негативен ефект на залихите од 127 милиони денари, наспроти позитивниот ефект на залихите од 267 милиони денари во вториот квартал од 2022година.

Тековниот долготраен притисок на инфлацијата, како и геополитичките тензии по санкциите врз извозот на руската нафта создадоа предизвици за бизнисите ширум светот, вклучувајќи го и нафтениот сектор. И покрај ова опкружување полно со предизвици, ОКТА останува главен снабдувач со горива во земјата и регионот, обезбедувајќи им непречени услуги на потрошувачите и придонесувајќи во голема мера за закрепнувањето на економијата.

Компанијата продолжува да ја спроведува својата стратегија за трансформација, која вклучува и инвестиции во почисти извори на енергија и намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Во вториот квартал од 2023 година, компанијата спроведе тендер за изградба на нова фотоволтаична  централа со моќност од 12 MW на сопствено земјиште, како еден од најголемите фотоволтаични проекти во земјата од ваков вид. Оваа инвестиција особено поволно ќе влијае врз финансиските резултати на компанијата и енергетскиот микс на земјата, бидејќи ќе замени скап увоз на енергија.

Во текот на вториот квартал од 2023 година, ОКТА го задржа својот фокус во спроведувањето на значајни општествено одговорни проекти. Заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи и неколку здруженија на велосипедисти и мотоциклисти, компанијата го поддржа организирањето на дефиле под мотото „Јас внимавам и безбедно возам“. Дефилето се одржа во Скопје со учество на повеќе од 150 велосипедисти и мотоциклисти, при што сите учесници добија опрема за безбедност во сообраќајот, како донација од ОКТА. На 10 мај, со официјалното отпочнување со работа на националната берза на електрична енергија, ОКТА стана активен учесник и трговец во неа, како една од првите сертифицирани компании.

Компанијата има за цел да продолжи непречено да снабдува горива со врвен квалитет на домашниот и соседните пазари, додека истовремено ги разгледува и можностите за дополнително подобрување на резултатите од работата.

OKTA

- Реклама -